Skip to main content
Македонија

Алиу: Со законски измени ја враќаме одлуката за дарување органи кај граѓанинот

29/03/2026  20:08

Министерот за здравство Азир Алиу преку својата последна колумна порачува дека претстојните законски измени во областа на трансплантацијата имаат за цел да ја вратат личната одлука таму каде што ѝ е местото – кај самиот граѓанин. Суштината на овие измени е да му се овозможи на секој поединец, уште за време на својот живот, кај избраниот матичен лекар доброволно и јасно да ја изрази својата волја дали по смртта сака да биде дарител на органи.

Оваа одлука ќе биде официјално евидентирана во здравствениот систем преку платформата „Мој термин“, со што личната волја станува примарна, а целиот систем потранспарентен и поефикасен, без непотребни административни пречки и со јасна етичка рамка. Алиу нагласува дека овие измени не се подготвуваат за да принудуваат никого, туку за да ја зголемат довербата и да го направат процесот подостапен за оние на кои им е потребна втора животна шанса.

Паралелно со правните интервенции, владината Програма за трансплантација за 2026 година поставува амбициозни цели кои вклучуваат зголемување на бројот на трансплантации на бубрези, срце, црн дроб и коскени ткива, но и воведување нови процедури како што е трансплантацијата на бели дробови. За реализација на овие планови веќе се подготвуваат национални листи, регистри и софтверски надградби, а министерот уверува дека македонскиот здравствен систем поседува цврста медицинска и кадровска основа за вакви сложени зафати. Како потврда за тоа се наведуваат и неодамнешните 16 успешни трансплантации на рожница, каде се применети најсовремени микронски техники.

Сепак, министерот Алиу потенцира дека најважното прашање не е само медицинско, туку и општествено, при што клучна е информираноста на граѓаните и надминувањето на културните или религиските резерви. Тој укажува дека во земја со длабоки духовни вредности како Македонија, за органодарителството мора да се зборува со почит кон тагата и верата, но и со свест дека традиционалните верски заедници веќе ја поддржуваат хуманоста на овој чин. Според него, обврска на државата е да создаде услови во кои трансплантацијата нема да биде тема што се отвора само во мигови на трагедија, туку ќе стане дел од општествената зрелост и разбирањето дека и по крајот на еден живот може да започне нова надеж за друг човек.