Skip to main content
Македонија

СПМ: Нападнати полицајци пред дискотека во Скопје, осомничените пуштени

29/03/2026  12:22

Независниот синдикат на полицијата остро реагира по синоќешниот инцидент пред дискотека во Скопје, во кој, според нивните информации, двајца полициски службеници од ПС ОН Карпош биле нападнати од алкохолизирани лица и се здобиле со тешки телесни повреди.

Од Синдикатот изразуваат сериозна загриженост поради постапувањето на надлежните институции, посочувајќи дека осомничените биле ослободени и не биле изведени пред суд по итна постапка, иако првично, како што велат, постоеле насоки за тоа.

„Целосно сме запрепастени од одлуката на обвинителството лицата да бидат ослободени и да не бидат изведени пред суд по итна постапка. Нашите информации укажуваат дека оваа одлука била променета по интервенција од висок функционер од Владата, по што бил сменет и обвинителот“, наведуваат од Синдикатот.

Дополнително, тие посочуваат дека во случајот е вклучен и одделот за внатрешна контрола, кој, наместо да ја утврдува одговорноста кај напаѓачите, ќе ја преиспитува работата на полициските службеници.

Од Независниот синдикат најавуваат дека ќе го следат случајот и ќе преземат конкретни чекори. Веќе утре ќе испратат писмена реакција до Основното јавно обвинителство и до Министерството за внатрешни работи.

„Нанесување тешка телесна повреда на полициски службеник претставува сериозно кривично дело кое не смее да биде толерирано ниту маргинализирано. Очекуваме сериозен и темелен пристап од сите институции“, порачуваат од Синдикатот.

Screenshot