
Адвокатот Војо Димоски, кој во минатото бил правен застапник на убиениот Климе Митрески, остро реагираше по трагичниот настан во Охрид, предупредувајќи на сериозни слабости во системот и безбедноста во државата.
Во својата јавна реакција, Димоски истакна дека Митрески му бил клиент уште од почетоците на неговата адвокатска кариера, нагласувајќи дека никој не заслужува да го загуби животот на таков начин.
„Покојниот Климе Митрески ми беше клиент уште од првите денови на мојата адвокатска пракса. Никој не заслужува да го заврши животот на ваков начин“, напиша адвокатот.
Тој оценува дека состојбите во државата се сериозно загрижувачки и дека институциите не успеваат да обезбедат функционален систем.
„Чудо едно е во каква средина се има претворено оваа наша Македонија, која наизменично им ја доверуваме на луѓе на кои не би им ја довериле ни главата на шишање“, посочува Димоски.
Според него, нефункционалноста на системот дозволува опасни лица да остануваат на слобода и дури да се организираат.
„Поради отсуството на систем, не само што психопатите се на слобода, туку истите се организираат во полулегални милитантни секти. Којзнае уште колку Палчовци чучат во темни подруми“, наведува тој.
Димоски упати критика и кон институциите, оценувајќи дека недостига јасен фокус во борбата против криминалот.
„Листата на задачи кои премиерот му ги издиктира на државниот обвинител укажува на немањето компас за приоритетите на борбата со криминалот“, додава тој.
Сепак, адвокатот ја завршува својата реакција со порака дека одговорноста не може да се сведе само на поединци.
„Ама пак ќе речам: не се тие криви“, заклучи Димоски.
