Skip to main content
Македонија

„Фингерпринтот” за докторите е понижувачки смета Филипче

28/03/2026  17:27

Соопштение за јавност на СДСМ:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека најновата мерка за воведување „фингерпринт” како начин на мерење на работното време за докторите е понижувачка и несоодветна, а оваа оваа мерка доаѓа од министерот за здравство, кој нема никакво познавање на здравствениот сектор.

„Ова е една страшно понижувачка мерка од еден човек којшто моментално е министер за здравство, а со здравството и медицината нема никаква врска. Човекот доаѓа од 

ИТ сектор и не знае што е здравствениот сектор, па медицината воопшто не ја познава”, рече Филипче во одговор на новинарско прашање.

Тој додаде дека таквата мерка ја сведува медицинската професија на ниво на работници кои се задолжени да се  отчитаат на почетокот и крајот на работниот ден, што не се случува никаде во светот.

„Се поставува прашање: што кога некој доктор ќе дојде попладне и ќе биде повикан од помлад колега за консултација? Ќе се остави „фингер принт” тогаш? Ќе го плати министерот дополнително?”, дополни Филипче.

Тој исто така истакна дека мерката не го зема предвид квалитетот на медицинските интервенции, кои можат да траат и до неколку часа, и кои се од клучна важност за спасување на човечки животи.

„Каква е таа мерка со мерење на работното време, односно како се мери работното време кога имате некоја оперативна интервенција која трае час, два или три и се спасува човечки живот, а кога немате? Како се мери квалитативно тоа време? Да го прашаме министерот”, запраша Филипче.

Филипче нагласи дека наместо воведување понижувачки мерки, Владата треба сериозно да ги зголеми платите на докторите, како единствен начин да се задржат во јавното здравство.

„Наместо вакви понижувачки мерки, треба да се зголемат платите. Треба сериозно да се зголемат платите на докторите, затоа што со вакви мерки и без зголемување на платите, единствено што се прави е дека се бркаат докторите од јавното здравство и се бркаат да одат во приватните болници”, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.