Skip to main content
Македонија

Савески: Ќе се постапува по секој предмет за кој има законска основа

27/03/2026  15:55

Новоизбраниот државен јавен обвинител Ненад Савески вели дека никогаш нема да коментира ничија изјава нагласувајќи дека првото нешто што го направил откога е на функцијата е средба со јавните обвинители во Државното јавно обвинителство и најави дека планира средби и со сите јавни обвинители, односно во подрачја на вишите јавни обвинителства, кои се четири, па потоа и со основните.

Прашан што ќе направи во однос на шпекулациите дека има предмети што се чуваат во фиока, Савески нагласи дека е само неколку дена на функцијата и дека за секоја одлука јавноста ќе биде навремено известена.

-Дајте малку време, сепак само неколку дена сум на функцијата. Вклучително, приоритет е и учеството на седниците, да се пополнат местата што се испразнети и да се создадат услови да функционира онаму каде што има испразнети места – изјави Савески.

Савески нагласи дека работата на Јавното обвинителство, вклучително на секој јавен обвинител, а и државниот јавен обвинител, надлежностите и обврските што ги исполнуваат јавните обвинители произлегуваат од законските регулативи.

Прашан дали СЈО и Катица нема да бидат приоритет, Савески рече дека нема да коментира „ако ви е во врска со изјавата на кој било обвинител“.

Прашан за гувернерот Трајко Славески, Савески рече дека се следат состојбите во врска со тоа што како информации излегоа во јавноста и дека доколку се најде основа за отворање предистражна постапка, секако тоа ќе биде постапено.

-Нема отстапки, тоа се законски обврски на Јавното обвинителство. Само да не бидам погрешно сфатен, тоа секако се оценува за секоја ситуација, вклучително и оваа за која ме прашувате. Не може, а да не биде предмет на анализа. Доколку се најде основа, се постапува во согласност со законот – изјави Савески нагласувајќи дека јавноста ќе биде известена со комплетно соопштение од страна на службите за односи со јавноста.

За барањето за изземање на обвинителката Ленче Ристовска и случајот со пожарот во Кочани, Савески рече дека не е донесена одлука.

-Имајте предвид, само неколку дена сум на функцијата. Обврските се од секаква природа, така што сè што ќе дојде по редослед за одлучување и кога ќе биде донесена одлука, секако јавноста ќе ја запознаеме преку медиумите – рече Савески.