
Во недела наутро во 02 часот стрелките на часовникот ќе одат еден час понапред со што сонцето ќе заоѓа подоцна а „денот ќе стане поголем“.
Со ова практично почнува периодот на летно сметање на времето, кој трае до последниот викенд во октомври. Вообичаено, кога стрелките се поместуваат нанапред, се вели и дека „спиеме еден час помалку“, бидејќи ноќта е пократка.
Целта на промената од зимско кон летно сметање на времето, и обратно, е подобро искористување на дневната светлина и заштеда на енергија. Сепак, ова прашање со години е предмет на расправи во Европа и пошироко.
Во изминатите години повеќе земји повикуваа на укинување на летното сметање на времето. Поттикната од тие иницијативи, Европската унија уште во 2016 година отвори постапка за утврдување единствено време што би важело за сите држави на континентот, но без конечен договор.
Причината е што дел од земјите се залагаат времето во текот на целата година да се мери според зимското сметање, додека други се за задржување на летното сметање како трајно решение.


