Skip to main content
Македонија

Камери на улиците во Велес: Се поставува опрема за проектот „Безбеден град“

26/03/2026  19:58

Поставувањето на систем за видеонадзор на повеќе локации во Велес е во тек, како дел од најавениот проект „Безбеден град“, кој има за цел подобрување на сообраќајната безбедност.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, односно Секторот за внатрешни работи Велес, деновиве се врши инсталација на потребната инфраструктура – кабли, метални сандачиња, столбови и камери на главните градски улици.

На една од последните седници на Општина Велес, претставник на СВР Велес информирал дека почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“ се очекува кон крајот на јули годинава.

Од СВР Велес појаснуваат дека изборот на локации се врши врз основа на прецизни безбедносни критериуми. Фокусот е ставен на главните сообраќајни артерии со поголема фреквенција на возила и пешаци, како и на клучните крстосници каде што често се регистрираат сообраќајни прекршоци.

Дополнително, системот треба да ги опфати и т.н. „црни точки“ – места каде според статистиката се случуваат најголем број сообраќајни незгоди. Точниот број на камери и нивната поставеност ќе бидат утврдени по завршување на техничкото планирање.

Меѓу граѓаните во Велес има различни мислења за воведувањето на овој систем. Дел од нив очекуваат дека камерите ќе придонесат за поголема дисциплина во сообраќајот, особено во однос на почитување на брзината, пешачките премини и предноста на пешаците.

Од друга страна, има и граѓани кои сметаат дека новите мерки би можеле дополнително да ја намалат проточноста на сообраќајот во централното градско подрачје, особено во утринските и попладневните часови кога фреквенцијата е најголема.