Skip to main content
Македонија

ЕУ без право на глас: Стратешка можност или политички ризик за Македонија?

26/03/2026  15:27

Пишува: проф. д-р Иван Анастасовски

Македонија веќе долго време е кандидат за членство во Европска Унија и има направено значајни политички компромиси во текот на својот пат кон ЕУ вклучувајќи го тука и Преспанскиот договор кој ги отвори портите на нашата држава кон НАТО, но за сега се уште не и во ЕУ. Во послено време се споменува една идеја за влез во ЕУ без право на глас, повремено се појавува во политички дискусии, особено поврзана со лидерите како Александар Вучиќ и Еди Рама. Но, реално гледано, таа не постои како формален модел во рамките на ЕУ и има сериозни правни и политички ограничувања.

Но ако го следиме внимателно коментарот на Тони Барбер британски коментатор, долгогодишен уредник и колумнист кој ќе напише цитирам: предлогот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама е најдобар за спречување на нестабилност на Балканот и Европа. Јас верувам дека овој предлог не доаѓа туку така од двајцата лидери на држави кои имаат значајна улога на Балканот. Исто така предлогот на Александар Вучиќ и Еди Рама земјите кандидати за членство во ЕУ да станат дел од единствениот пазар и безвизната Шенген зона е најдобриот начин за спречување на нестабилност на Западен Балкан и Европа.

Тој вели дека од гледна точка на практичната политика, полноправното членство во ЕУ веројатно ќе остане недостижно во блиска иднина, што дополнително ја зајакнува нестабилноста во регионот, а Европа најмалку може да си го дозволи тоа. Затоа најдобриот пат напред е спроведувањето на планот Вучиќ-Рама, покажувајќи им на луѓето и на Западен Балкан и во ЕУ дека заедничката иднина е заемно корисна.

Да се потсетиме дека иницијативата на претседателот на Србија и премиерот на Албанија, беше презентирана во заедничка статија во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ кон крајот на февруари. Аргументите во нивна корист се двојни. Прво, економската интеграција би им користела и на Западниот Балкан и на постојните земји од ЕУ. Второ, новиот пристап би ги избегнал незгодните прашања како што се промена на составот на Европската комисија, додавање членови во Европскиот парламент, промена на начинот на гласање во ЕУ и пред се, давање право на вето на новите членки.

Што би значела таа идеја или да ја насловиме како некаков получленски статус, преку кој ќе се има пристап до европскиот пазар, користење на фондови, учество во европските политики но без право на глас во институциите на ЕУ, што може да се каже дека ова би било нешто меѓу членство и партнерство.

Многу логично е да се постави прашањето дали е ова возможно, и сега ако се гледа од правен аспект многу тешко (речиси невозможно) оти Европска Унија функционира врз основа на договори кои јасно дефинираат дека сите членки имаат еднакви права и обврски и правото на глас е суштински дел од суверенитетот во рамките на ЕУ.

За да се евентуално оствари еден ваков модел (кој би бил реално позитивен за нас) би требало да дојде до промена на основните (актуелните) договори и нормално согласност од сите земји членки што мислам дека во сегашнава позиција политички е многу тешко за усогласување. Но затоа постојат одредени примери кои би можеле исто така да бидат модел за спас на Западен Балкан и Македонија а тоа е ЕЕА (Европска економска област) како што е случајот со Норвешка каде тие имаат пристап до пазарот, но без право на глас.

и сепак, тие не се членки на ЕУ. Исто така опција е фазно пристапување она што јас мислам дека можеби скромно но сепак се разгледува оваа идеја како опција за постепено вклучување пред полноправно членство, но крајната цел сепак е полно членство со право на глас. Она што е клучно за оваа идеја е од каде сега се појавува таа дали постои замор од проширување во ЕУ или пак страв од нови членки со различни политички стандарди, но сепак ЕУ сега во овој политички контекст не би требало да му врти грб на Западен Балкан туку напротив мора да му пружи рака за поддршка.
Кој би бил главен проблем на оваа идеја односно ваквиот пристап може да создаде втора класа членки, понатака демократски дефицит (без глас, но со обврски) но и потенцијално незадоволство и нестабилност. Но сепак оваа идеја политички е интересна и би го отргнала Западен Балкан од прегратката на Русија, но во овој момент е институционално речиси нереализирачка, од причини што ЕУ денес повеќе се движи кон постепена интеграција со конечна цел полноправно членство со право на глас, но во политиката се е можно. Затоа овој модел не треба да се прифати како крајна цел, туку како преговарачка алатка и средство за забрзување на интеграцијата.

Како би можела да се позиционира нашата Македонија во однос на оваа прашање. Прво поставување јасни црвени линии каде Македонија првин би требло да каже јасно дека нема трајно членство без глас и нема неограничен транзициски период, а потоа да каже дека само ако постои одреден временски рок не повеќе од 5 години и со тоа да се направи автоматски премин во полноправно членство што би ја штитело нашата држава од замката на бесконечна транзиција.
Нашето геополитичко позиционирање треба да биде насочено кон тоа Македонија да претставува најконструктивен партнер на Балканот со што преку тоа ќе врши притисок врз ЕУ. Кога веќе ја спомна оваа идеја и нашиот премиер Г-дин Мицковски треба да има на ум дека за оваа идеја клучна е внатрешната комуникација односно, Владата мора да објасни многу јасно дека ова не е откажување од ЕУ туку напротив дека ова би било брза лента кон членство со што придобивките би биле веднаш видливи.

Краток брифинг за потенцијални придобивки од промовирање и евентуална реализација (не е лесно) од оваа идеја се побрз економски бенефит преку пристап до единствениот пазар, повеќе европски инвестиции (географски припаѓаме во ЕУ) и поголем процент на фондови со што би можело на брз рок да се подобри стандардот и економскиот раст. Понатака со оваа идеја може да дојде до намалување на неизвесноста преку крај на чекањето во чекалница и да се испрати силен сигнал до европските инвеститори дека земјата е стабилна и конечно оваа би било геополитичко сидро кои ќе придонесе за посилно врзување за ЕУ а со тоа и намалување на влијанието на трети актери (Русија, Кина итн.)

Конечно е дојдено време да се избегне Балканското буре барут, понекогаш познато и како европско буре барут од почетокот на 20 век, оти во тој временски период постоеле голем број на преклопување на територијалните претензии и сферите на влијание меѓу големите европски сили и се уште тоа за жал тлее на овие простори. И сега кога се разгорува целиот свет можеби е време за позиционирање. Ако еднаш сме изградиле силен стратешки консензус за ЕУ, време е преку оваа идеја да го потврдиме како држава од страна на сите политички чинители.