
Платите на здравствените работници во април се зголемуваат помеѓу 5 – 7 %, а Владата ја зголеми капитацијата за матичните лекари гинеколози и стоматолози, истакна премиерот Мицкоски. Тој соопшти и дека по подолг временски период, на позитивната листа се додадени нови лекови, а почнати се и постапки за сериозни инфраструктурни вложувања во здравството.
Мицкоски нагласи дека здравствениот буџет годинава изнесува речиси една милијарда евра и дека во него се пресметани зголемувањата на платите. Договорот за раст на примањата на здравствените работници останува во сила до 2028 година.
Тој оцени дека Владата затекнала лоша состојба во здравството, со многубројни долгогодишни проблеми, погрешни политики и обврски, кои претставувале дополнителен товар за јавните здравствени установи, особено Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
– Работиме на решавање на проблеми што со децении останале нерешени. Знам колку вложуваат министерот за здравство и директорот на Фондот и уверен сум дека значителен дел од предизвиците веќе се решаваат – рече премиерот.
Мицкоски укажа и на случаи на злоупотреби при пријавување дежурства, каде што поединци, како што рече, прикажувале непрекината работа и примале над 10.000 евра месечно.

