Skip to main content
Балкан

Запленети 3,5 тони небезбедно месо во Атина – компанијата снабдувала и болници

24/03/2026  16:53

По анонимна пријава, периферијата Атика спровела контроли во објекти на компанија во атинското предградие Пиреја, каде што биле откриени и запленети околу 3,5 тони небезбедни производи од животинско потекло, а компанијата имала договори за снабдување со јавни установи, меѓу кои и болници, јави дописничката на МИА од Атина.

Од периферијата соопштија дека по пријавата и откако сопственикот одбил да соработува со надлежните органи за отворање на магацинскиот простор, била спроведена акција со поддршка од грчката полиција и присуство на обвинител.

При контролата во магацините биле утврдени сериозни прекршувања: запленети биле околу 3,5 тони месо и риба кои биле оценети како небезбедни за човечка употреба, биле пронајдени и производи со истечен рок, без ознаки, како и со јасни индикации за одмрзнување и повторно замрзнување, додека условите за складирање биле оценети како опасни, а било утврдено и дека објектот работел без потребните дозволи.

– Со оглед на тоа што компанијата имала склучено договори за снабдување со јавни установи, меѓу кои и болници, периферијата Атика веднаш започна со насочена истрага за производите, спроведувајќи контроли во болници и други јавни институции за да утврди дали биле дистрибуирани. Навремената реакција на службите спречи можно пласирање небезбедна храна во чувствителни установи, бидејќи, досега, не е утврдено снабдување за 2026 година, а таму каде што имало соработка во минатото, веќе била прекината поради непочитување на обврските од страна на компанијата, соопштија од периферијата Атика.

Дополнително, истрагата покажала дека компанијата вршела последователни промени на даночниот број, седиштето, дејноста и одговорните лица, со што биле отежнати и контролата и целосниот надзор на активностите.

Префектот на областа Атика, поширокиот регион на Атина, Никос Хардаљас порача дека нема да дозволат некој да си игра со јавното здравје и нема да постои никаква толеранција за „мрежи и практики што ги ставаат во опасност граѓаните, особено чувствителните установи како што се болниците“.

– Пораката е јасна и без двосмисленост: нулта толеранција. Регионот Атика контролира во пракса. Интервенира веднаш. И го спроведува законот. Доследно, со план и до крај, порача Хардаљас.