Skip to main content
Култура

„Глумците пеат“ денеска и утре во МНТ со повеќе од 50 уметници на сцена

24/03/2026  15:47

Повеќе од 50 уметници вечер и утревечер ќе настапат на сцената на Македонскиот народен театар во новото издание на „Глумците пеат“.

Оваа година програмата е посветена на македонската музика – песни што публиката добро ги знае, но ќе ги слушне поинаку. Форматот го става актерот во поинаква улога, каде што музиката станува личен израз, а препознатливите композиции добиваат нов живот преку соло изведби, дуети и групни точки.

Годинава првпат дел од проектот се Владимир Петровиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Денис Абдула, Анастасија Трајковска и Катерина Јовановиќ, кои ќе настапат заедно со веќе препознатливите имиња на шоуто: Игор Ангелов, Рубенс Муратовски, Весна Петрушевска, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Петар Горко, Сања Арсовска, Катерина Илиевска-Силјановска, Калина Наумовска, Марина Поп Панкова, Слаѓана Вујошевиќ, Маја Андоновска-Илијевски, Гордана Ендровска, Емилија Мицевска, Трајанка Илиева-Велиќ, Нина Деан, Наталија Теодосиева, Тина Трпкоска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Антонио Ташковски и Горан Ников.

Режијата е на Дејан Пројковски, а актерите ќе ги придружува голем оркестар под диригентска палка на маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.

– Се радуваме што и годинава публиката ќе може да ја доживее оваа поинаква актерска вечер. „Глумците пеат“ е формат во кој актерите не раскажуваат туѓи приказни, туку преку музика покажуваат нешто лично. Се пее и се свири во живо, идеите се создаваат на пробите, а токму таа слобода му дава посебна динамика на шоуто и ја создава атмосферата по која е препознатливо – велат организаторите.

Шоуто е наследство на Марин Бабиќ, кој го создаде во 90-тите, а денес продолжува преку неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.

Билетите се достапни преку MkTickets.mk и во книжарниците на „Литература.мк“.