
На предлог на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, два нови пилоти успешно ја завршија преобуката во Шпанија за дејство со противпожарните авиони „ер трактор“ на ДЗС со што се стекнаа со сертификат за оспособеност за летање во сите услови за гаснење пожари на отворено.
„Со ова, по синоќешното враќање на пилотите од Шпанија, ДЗС ќе ја пречека претстојната летна сезона на пожари на отворено со вкупно пет пилоти коишто имаат светски признати дозволи да летаат со противпожарни авиони какви што поседува ДЗС, „ер трактор“ амфибија (што можат да полнат вода и од езера)“, соопштија од ДЗС.
Станува збор за двајца пилоти со богата летачка работна биографија, пензионираниот полковник Роберт Малезански и Горан Блажески. Тие на почетокот на март беа испратени на тринеделна преобука во европскиот референтен тренинг центар за воздухопловна противпожарна борба „Титан“ во Шпанија (АТА Titan Aerial firefightning, Spain).
