
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, сподели радосна вест на социјалните мрежи – наскоро ќе стане татко на машко дете.
Во емотивната објава, Костадинов искрено проговори за својот животен пат, исполнет со предизвици, успеси и поуки, истакнувајќи дека ништо не може да се спореди со чувството да се стане родител.
„Во ова мое животно патување, исполнето со подеми и падови, победи и порази… научив многу. Кариерата ме градела, животот ме калел, искуствата ме менувале. Но ништо… баш ништо не може да се спореди со чувството што доаѓа сега“, напиша тој.
Костадинов нагласи дека најголемиот успех во животот не е функција или позиција, туку родителството.
„Најголемиот успех во мојот живот не е титула, не е позиција, не е постигнување. Најголемиот успех е да станеш родител. Да станеш татко“, сподели тој.
Со голема радост и благодарност, Костадинов откри дека со семејството го очекуваат нивното прво дете – синот Никола.
„Со срце полно љубов и душа исполнета со благодарност, го очекуваме нашето најголемо богатство… нашиот Никола. Нашиот нов почеток. Нашиот живот“, стои во објавата.
