Skip to main content
Македонија

Маглешов: Едно Обвинителство има две различни теории за ист случај, потребна е навремена ревизија

22/03/2026  17:40

Единственото Јавно обвинителство во државата, како самостоен орган, настапува со две различни правни теории за одговорноста во истиот случај „Пулс“, предупредува новинарот на Призма (БИРН), Васко Маглешов.

Според неговата анализа, постои очигледно разминување во правната квалификација меѓу основните обвинителства и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), што отвора сериозни дилеми за текот на постапката.

Првата теорија, која ја застапуваат скопското и кочанското обвинителство, предвидува дека сите инволвирани лица се подеднакво одговорни за едно исто кривично дело – тешки дела против општата сигурност.

Од друга страна, ОЈО ГОКК има поинаков пристап. Според ова обвинителство, за најтешките последици треба да одговараат исклучиво полицајците кои биле на должност кобната вечер и не реагирале, додека другите службени лица се гонат за посебни кривични дела, како злоупотреба на службената положба и овластување.

Маглешов оценува дека ваквата ситуација е апсурдна, имајќи предвид дека станува збор за ист обвинителски систем со спротивставени правни позиции.

Тој упати директен апел до државниот јавен обвинител да се направи преиспитување на постапката и да се усогласи правната квалификација уште во почетната фаза.

„Подобро е на старт да се расчистат дилемите, отколку пресудите подоцна да паѓаат на Апелација и процесот да почнува одново“, вели Маглешов.

Тој предупредува дека доколку не се надминат овие разлики, случајот може да се претвори во долг и тежок судски процес, што ќе значи дополнителна болка за семејствата на жртвите и разочарување за јавноста која очекува правда.