Skip to main content
Македонија

Филипче: Намалувањето на ДДВ за гориво е задоцнета и половична мерка која нема да има ефект

22/03/2026  16:03

Прес конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче

Мерката што денеска ја најави премиерот Мицкоски, да се намали ДДВ на горивата од 18% на 10% е прво задоцнета а второ е  далеку од доволна и нема да придонесе за реално намалување на цените на горивата кои што граѓаните ќе ги плаќаат.

Цените на горивата веќе три недели се покачени. Прво дизелот се покачи за 14 денари, па потоа за уште  7 денари, и тоа се 21 денар. За утре се очекува ново поскапување на горивата. И имајќи го предвид ова намалување на ДДВ-то, тоа значи дека граѓаните нема да видат во текот на утрешниот ден, следната недела, следниот период вистинско намалување на цените на горивата кои што ќе ги плаќаат на бензиските пумпи. Туку горивото очекуваме да се зголеми за дополнителни 4 до 6 денари согласно новата пресметка на цената.

Значи, апсолутно задоцнета и мерка која што никако нема да даде ефект кој што ќе го почувствуваат граѓаните.

Досегашните покачувања на цените ги чинеа граѓаните околу 4,5 милиони евра. Толку пари досега дадоа граѓаните повеќе, од кога почна кризата.

Се поставува прашањето што чекаше премиерот Мицкоски три недели? Сè поскапе затоа што не реагираше на време.

Три недели ги остави граѓаните сами. Наместо навремена реакција, дозволи цените на горивата да ја активираат спиралата на раст на цените на сите производи, најмногу на  храната.

Започнати се веќе поскапувањата, маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, зеленчукот и овошјето над 100 денари за килограм.

И сега нема мерка за намалување на цените на храната.А овие цени кога еднаш ќе се покачат тие повеќе нема да се вратат назад.

Се прашувам со кое лице без срам излезе премиерот пред граѓаните со само една половична мерка. За да ни зборува колкави се цените на горивата во соседството?

Па со што се занимаваше премиерот изминатите три недели –  со прослави на ЕПП на трошок на граѓаните, продолжен викенд, со спинови, дефокус, навреди, недоличен речник, напади врз мене, лично до опозицијата и секако со лагите дека сме биле четврта економија во светот.

Дефокусот, лагите, спиновите не го полнат фрижидерот на граѓаните. Дефокусот не обезбедува намалување на цените на храната. Платите одби да ги покачи, одби 600 евра минимална плата колку што реално им се потребни на луѓето за да преживеат, да се прехранат.

Денеска нема други мерки, следела владата будно. Што следи? Како тоне стандардот на граѓаните? Тоа ли следи премиерот? Очигледно е дека оваа влада намерно избегнува суштински мерки како што се намалување на акцизите на ДДВ-то, нешто што навистина може да даде реално поевтинување на цените на горивата, како и намалување на ДДВ-то на храната.

И нормално е тоа и до сега видовме во многу сценарија единствено нешто за што оваа влада се грижи се бизнис структурите блиски до власта кои што профитираат од овие високи цени. И додека граѓаните плаќаат се поскапа храна и гориво некои остварува екстра профити. Ова не економска политика ова е заштита на бизнис интересите на одредени компании на сметка на народот и тоа денес веќе на сите им е јасно.

Во овој момент треба да се заштити животниот стандард на граѓаните а не интересите на тие бизнис структури. Со ваков пристап оваа криза само ќе продолжи да го урнисува стандардот на граѓаните.

Суштинските решенија мора да опфатат и мерки за долгорочно намалување на цените на храната комбинирано и со акцизите на цените на горивата. Луѓето немаат пари да ги прехранат семејствата.

Дополнително  треба да се подготват пакети со помош за најранливите категории на граѓани,  понатаму пакети за помош и на земјоделците. Најреален ефект којшто ќе се почувствува кој што граѓаните ќе го почувствуваат, стопанството ќе го почувствува е да се прифатат нашите предлог-закони, предлог мерки.

Намалувањето на цената на ДДВ-то за горивата од 18% на 5%, дополнително намалување на акцизата за горивата за 4 денари, 0% ДДВ за основните прехранбени продукти и преполовување на цените на патарините.

Само со мерката за укинување на ДДВ на храната ќе поевтинат околу 250 производи, а граѓаните ќе заштедат над 2.000. Тоа се вистински мерки и затоа владата мора апсолутно веднаш овие мерките ги прифати и потоа да подготви и пакети за помош на ранливите категории.

Во ковид кризата владата на СДСМ имаше над 110 мерки донесени во пикот на кризата поделени во шест пакети со вкупна вредност од 1,2 милијарди евра со кои директно се ублажија последиците од кризата. Во енергетската криза во 2022 година обезбедивме пакет на мерки вредни 760 милиони евра. 

Не само субвенционирање на цената на струјата на над 600 000 домаќинства и 68 000 мали потрошувачи, туку и конкретна поддршка на ранливи категории на граѓани, за ученици за студенти, за пензионери, за граѓани корисници на социјалната помош, за граѓани со посебни потреби, за самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци како и поддршка на компаниите.

Значи може, покажавме дека може, кога државата се грижи за стандардот на граѓаните да испорача мерки, да им помогне ама треба да се грижи за граѓаните а не за интересите на бизнис заедницата.

Зошто сега ова не може? Затоа што на Мицкоски му е важен само бизнисот, граѓаните за жал не. Вели 10% точат соседите гориво. Па зошто ги повикува да точат кај нас? Други земји забранија точење на гориво на пограничните пумпи на странци. Сега пари од буџетот одат за граѓаните во соседните земји. Ова не се економски политики и затоа уште еднаш укажувам владата ги прифати нашите предлог мерки.