Skip to main content
Македонија

Целосно завршена евакуацијата на сите пријавени македонски граѓани од погодените земји на Блискиот Исток

18/03/2026  10:54

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, заклучно со вчерашниот лет, целосно е завршена евакуацијата на сите македонски државјани од земјите на Блискиот Исток кои до овој момент беа пријавени и изразија подготвеност за евакуација.

Со последниот, петти лет што вчера слета на Меѓународниот аеродром во Скопје, евакуирани се вкупно 147 патници, од кои 119 македонски државјани и 28 странски државјани. Со тоа државата покажа подготвеност навремено да реагира во кризни ситуации, да ја заштити безбедноста на македонските граѓани, но и да покаже солидарност кон граѓани од пријателските земји од регионот и пошироко.

Станува збор за организирани чартер летови, при што сите трошоци за нивната реализација се на товар на државата.

Со реализацијата на овие летови, вкупниот број евакуирани македонски државјани достигна 605.

Министерството уште еднаш нагласува дека безбедноста на граѓаните е највисок приоритет, што се потврдува и со фактот дека евакуацијата на сите македонски државјани кои изразија интерес за враќање во земјата е целосно завршена.