Skip to main content
Македонија

Макрадули загрижен за СДСМ, молкот не е решение

18/03/2026  10:32

Поранешниот функционер на СДСМ, Јани Макрадули, преку објава на социјалните мрежи се осврна на актуелните случувања во партијата, повикувајќи на единство, разум и враќање кон концептот „Глас +“.

Макрадули потсети на периодот од 2013 година, кога, како што наведува, СДСМ се соочувал со сериозен политички притисок и мала поддршка, но и покрај тоа, мотивацијата кај членовите била силна.

„Не покажувавме со прст, не броевме, работевме. Тоа беше обврска, но и љубов – љубов кон градот и идејата дека СДСМ може поинаку“, истакнува тој.

Во објавата, Макрадули посочува дека иако тогаш не била остварена победа, борбата продолжила, а концептот „Глас +“ бил повеќе од слоган – политичка насока која обединува и привлекува врз принципите на слобода, еднаквост и солидарност.

Тој нагласува дека денес е потребно повторно разбирање на овој концепт, како и јасно разграничување на поимот лојалност.

„Лојалноста не е слепо следење. Лојалноста е одговорност – да мислиш, да кажеш и да создаваш“, наведува Макрадули.

Според него, партијата и државата не треба да бидат простор за „тивко климање со глава“, туку за одговорни луѓе кои придонесуваат со идеи и ставови.

Макрадули предупредува дека Македонија се наоѓа во неизвесен период, оценувајќи дека актуелната власт нема јасен план и концепт, додека интересите на поединци доминираат на штета на граѓаните.

„Потребно ни е единство, разум и зрелост. Потребен ни е заеднички фронт за промени“, истакнува тој, додавајќи дека промените треба да започнат од самата партија.

Како клучен чекор, Макрадули го посочува враќањето кон концептот „Глас +“, кој, според него, треба да обедини и отвори простор за сите одговорни и вистински патриоти.