
Иранските власти потврдија дека е убиен Али Лариџани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност и еден од највлијателните функционери во земјата.
Во официјалното соопштение се наведува дека Лариџани бил убиен во раните утрински часови, заедно со неговиот син Мортеза, заменик-безбедносниот советник Алиреза Бајат и поголем број телохранители.
„Чистите души на мачениците ја прегрнаа прочистената душа на Божјиот праведен слуга, маченикот д-р Али Лариџани“, се вели во соопштението на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Лариџани беше назначен за секретар на Советот во август 2025 година од претседателот Масуд Пезешкијан, а важеше и за близок соработник и претставник на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Претходно, тој 12 години ја извршуваше функцијата претседател на иранскиот парламент, од 2008 до 2020 година.
Израелските власти претходно потврдија дека Лариџани е убиен, а Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека станува збор за еден од најискусните функционери во иранското раководство.
Во одделен напад, според ИДФ, е убиен и командантот на паравоените сили „Басиџ“, Голамреза Солејмани.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ликвидацијата е дел од пошироките напори да им се даде можност на граѓаните на Иран да ги отстранат своите владетели.

