Skip to main content
Магазин

Од борба за живот до роденденска прослава: Гибончето Мики полни една година

17/03/2026  17:35

Во Скопје ЗОО ќе се одржи посебна и емотивна прослава по повод првиот роденден на малиот гибон Мики – приказна која започна со големи предизвици, но заврши со надеж, љубов и среќен крај.

Мики, додека бил стар само неколку месеци, бил отфрлен од мајката и се соочил со сериозни повреди на главата и епилептични напади, објави 4news.mk Во тие критични моменти неговиот живот зависел од човечката грижа, посветеност и постојана борба за закрепнување.

Во најтешките денови, зоонегувателката Зера била покрај него 24 часа дневно, со поддршка од своите колешки, без да дозволи малото гибонче ниту еден момент да остане само. Благодарение на нивната грижа, трпение и стручна помош, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче.

Со роденденската прослава од Зоолошката градина сакаат да ја споделат оваа инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетат дека гибоните се загрозен вид кој има потреба од заштита. Воедно, испраќаат и важна порака дека мајмуните не се домашни миленици, а човечката грижа во случајот на Мики била единствената шанса за негов опстанок.

Настанот ќе биде и можност да им се оддаде признание и благодарност на сите кои учествувале во неговото спасување, лекување и рехабилитација, особено на зоонегувателката Зера за нејзината пожртвуваност, како и на целиот тим кој бил дел од неговата грижа.

По сите предизвици низ кои помина, Мики денес е успешно ресоцијализиран и живее заедно со својата сестричка Делфина.

Прославата ќе се одржи на 19 март (четврток) со почеток во 12 часот, на летниковецот пред мајмунарата во Зоолошката градина во Скопје, каде посетителите ќе имаат можност одблиску да го запознаат малото гибонче и заедно да прослават еден мал, но голем животен триумф.