Skip to main content
Македонија

„ВМРО-ДПМНЕ владее и со СДСМ“ – Шилегов и Филипче во битка: Кој е поблизок до власта?

17/03/2026  15:08

Внатрешните тензии во СДСМ ескалираат откако раководството на партијата иницираше постапка за исклучување на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, по што следуваа жестоки меѓусебни обвинувања меѓу него и лидерот Венко Филипче.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека одлуката на Извршниот одбор била донесена со консензус, по направени проверки и информации според кои, како што рече, станува збор за „процес за одработување за ВМРО-ДПМНЕ“ и обид за внатрешно разединување на партијата.

„Не станува збор за различно мислење, туку за организиран процес за поделба на СДСМ. Нема да дозволам луѓе да ја делат партијата, особено во време кога се соочуваме со криминална и корумпирана власт“, изјави Филипче, додавајќи дека, според него, падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е причината за обиди за дестабилизација на СДСМ.

Од друга страна, Петре Шилегов остро реагираше на одлуката, тврдејќи дека токму актуелното раководство на СДСМ работи во интерес на владејачката партија и се обидува да избегне потенцијални кривични истраги.

„Очигледно постои договор СДСМ да биде во ваква состојба и да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да владее два мандати, а за возврат раководството да не биде предмет на истраги“, изјави Шилегов.

Тој го оспори и самиот процес на негово исклучување, нагласувајќи дека според Статутот тоа треба да го спроведе општинската организација, а не Извршниот одбор. Воедно, го повика Филипче да дојде во општинската организација во Карпош и директно да се соочи со членството.

„Ќе се потрудам да има многубројно членство и за моето исклучување, но и за неговото заминување“, порача Шилегов, додавајќи дека нема да дозволи, како што рече, „нестатутарно избран претседател“ да го наруши неговиот политички интегритет.

Кризата во СДСМ доаѓа по серијата јавни критики што Шилегов ги упати кон раководството, во кои оцени дека партијата е кадровски ослабена и најави формирање платформа за сериозни внатрешни реформи, како и барање за оставки од актуелното раководство.

Тој предупреди дека СДСМ ја губи поддршката на локално ниво и дека, според него, партијата веќе е маргинализирана во повеќе градови, додека дел од разочараните гласачи се насочуваат кон други политички опции.

Политичката пресметка меѓу Филипче и Шилегов отвора ново поглавје на внатрешни поделби во СДСМ, чиј исход може значително да влијае врз позицијата на партијата на домашната политичка сцена.