Skip to main content
Балкан

Убиен е син на хрватски пејач во Еквадор

27/11/2024  16:43

Хрватскиот државјанин, Томислав Зеленчиќ (48) е убиен во вторник на 26 ноември во населбата Јокај, во центарот на градот Манта во Еквадор, јавуваат локалните медиуми.

Зеленчиќ, кој живеел во овој град повеќе од десет години, се движел по тротоарот во близина на неговата куќа, кога напаѓачите на мотор испукале четири куршуми кон него. Нападот се случил околу 10 часот.

Тешко ранетиот Зеленчиќ бил пренесен во блискиот здравствен дом, но неколку минути по пристигнувањето починал.

Агенти од Националната агенција за истраги на криминал пристигнаа на местото на злосторството за да соберат докази и да започнат истрага. Локалните медиуми потсетуваат дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, но случајот бил решен мирно.

Според достапните информации, Зеленчиќ е син на Инослав Ино Зеленчиќ, познат пејач и основач на бендот „Задар експрес“.

Томислав пред неколку години се преселил во Панама, каде работел на рибарски чамци, а потоа се преселил во Еквадор.

Мотивот за овој вооружен напад се уште не е познат. Ова убиство е 292-ро по ред регистрирано годинава во областа Манта-Монтекристи-Јарамијо во Еквадор.