
Д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, директорка на Кочанската болница, во гостување во Отвореното Студио на 4ТВ.мк зборуваше за посебниот пристап кон повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ и за тоа како болницата се претвори во сигурно место за нив.
„Многу често доаѓаат кај нас, можеби не заради здравствена потреба, туку затоа што болницата им стана место каде што се чувствуваат безбедно. Психолозите и психијатрите тоа го разбраа лесно, бидејќи по таков настан и по сè што им се случило, пациентите се чувствуваат посигурни меѓу лица со слични повреди, особено на видливите делови од телото – лице, врат, раце“, истакна д-р Паниќ-Мирчовска.
Таа објасни дека рехабилитацијата вклучува долготрајна физикална терапија и масажа на лузните, а семејствата се целосно инволвирани во процесот. „Секој што има повреди, како изгореници на рацете или други делови од телото, има потреба од помош и дома. Тука се целите фамилии, за да можат да ја продолжат терапијата и рехабилитацијата“, рече таа.
Директорката посочи дека кај некои деца повредите се толку сериозни што имаат ампутирани делови од прстите или недостасуваат делови од кожата и дека тие се уште се воздржуваат од јавни појавувања. „Ги споредувам нивните лузни со јапонската техника кога порцелан ќе се скрши и ќе се поправи со злато – тие лузни стануваат дел од нивното искуство, нешто што го составува нивното тело и животот што продолжува понатака“, нагласи д-р Паниќ-Мирчовска.
Таа додаде дека покрај физичката поддршка, големо внимание се посветува и на психичката здравствена заштита, бидејќи траумите од пожарот се длабоки и влијаат на целата заедница.


