
Со поставувањето на симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, денеска во Паркот на револуцијата во Кочани започна одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој на 16 март минатата година згаснаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Шеесет и три бели столчиња, секое со по една бела роза и отворена книга на жалост, беа поставени во тишина како немо сведоштво за животи прекинати во најубавите години. Инсталацијата симболично ги претставува младите луѓе чии соништа и планови беа прекинати во трагедијата што длабоко ја потресе Македонија.
„63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето“, стоеше во пораката што ги пречека присутните на местото на настанот.
На одбележувањето присуствуваа делегации, семејствата на загинатите, пријатели и бројни граѓани кои со тишина и положување цвеќе оддадоа почит на младите животи што згаснаа во пожарот.
Настанот, кој го организираа Општина Кочани и родителите на загинатите, започна во 8:45 часот и претставува дел од централната програма за одбележување на годишнината од трагедијата.
Во рамки на одбележувањето, при приемот на гости и делегации за комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, кој започнува во 10:30 часот во Центарот за култура „Бели мугри“, беше отворена и книга на жалост пред визуелниот споменик посветен на недовршените соништа на прерано починатите.
Комеморацијата е дел од низата активности со кои Кочани и Македонија се потсетуваат на трагедијата што однесе 63 млади животи и остави длабока рана во колективната меморија.



