Skip to main content
Македонија

Телефонски разговор на Муцунски со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа

16/03/2026  10:27

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Ферит Хоџа.

Двајцата министри го потврдија заедничкото задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, нагласувајќи ја подготвеноста за нивно натамошно унапредување.

Во разговорот стана збор и за европската перспектива на двете држави, како и за заедничките активности на патот кон Европската Унија. Воедно беше истакната и важноста на проектот Коридор 8, кој претставува заеднички приоритет од значење за двете земји, како и за унапредување на регионалната поврзаност и развој.

Министерот Муцунски ја истакна важноста на македонското национално малцинство во Албанија, кое претставува значаен мост на пријателство и дополнително придонесува за продлабочување на односите меѓу двете држави. Воедно, министрите разговараа и за Охридското Езеро, обврските што произлегуваат од УНЕСКО, како и за заедничката одговорност за неговата заштита и одржливо управување со регионот.

Двајцата министри разменија мислења и за актуелните прашања од регионалната соработка, при што ја нагласија важноста од негувањето на добрососедските односи и заедничкиот придонес на двете земји кон стабилноста и безбедноста во регионот.