Skip to main content
Македонија

Една година болка – 63 млади животи згаснаа во „Пулс“, Македонија не заборава

16/03/2026  09:36

Една година по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади лица, Македонија повторно се потсетува на ноќта што засекогаш го промени овој град и остави длабока рана во целото општество.

Судскиот процес за пожарот во „Пулс“ е во тек. На обвинителна клупа седат 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици на клубот, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници. Сите обвинети на досегашните рочишта изјавија дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни за трагедијата.

Обвинителството, пак, најавува силни докази и тврди дека дискотеката била „смртоносна стапица“, а пожарот резултат на систематска негрижа и сериозни институционални пропусти.

Точно една година по катастрофалниот пожар, Кочани и Македонија синоќа не спиеја. Во пресрет на кобниот датум, граѓаните се обединија во тишина и молитва, оддавајќи им почит на 63-цата млади кои прерано ги загубија своите животи во трагедијата што го промени текот на историјата на овој град.

Под организација на здружението „16-ти март“, бдеењето започна во 02:15 часот по полноќ пред урнатините на поранешната дискотека. Стотици граѓани, пријатели и членови на семејствата на настраданите, со свеќи и цвеќе во рацете, формираа круг на заедништво во болката.

Врвот на комеморативниот собир се случи во 02:32 часот во моментот кога пред една година изби пожарот. Во тој миг, градот замолкна во едноминутен молк.

Една година по трагедијата, дел од повредените се уште се лекуваат и се соочуваат со последиците од пожарот. Министерството за здравство најави дека работи на решение со кое повредените ќе бидат ослободени од плаќање партиципација за здравствените услуги, преку посебна програма што е во подготовка.

Но и покрај институционалните чекори, трагедијата во „Пулс“ останува симбол на една генерациска загуба и потсетник на цената на системските пропусти.

Шеесет и три млади животи згаснаа за неколку минути, а една година подоцна Македонија се уште се соочува со истото прашање, дали правдата ќе ја затвори најболната страница од оваа трагедија.