Skip to main content
Македонија

ДУИ предлага ваучер од 3.000 денари за работниците кои работат надвор од местото на живеење

13/03/2026  17:42

Растот на цените на основните производи и нафтените деривати повторно ја отвори политичката дебата за економските мерки во земјава. Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) сметаат дека институциите не реагираат навреме на притисокот врз семејните буџети и бараат итни чекори за ублажување на последиците.

Од партијата посочуваат дека веќе една недела граѓаните се соочуваат со континуирано поскапување, додека, како што велат, Министерството за економија и Владата не излегуваат со конкретни мерки за стабилизирање на цените, објави 4news.mk

„Од понеделник се очекува ново зголемување на цените на дериватите. Ова директно ќе влијае врз цените на транспортот, храната и услугите, дополнително зголемувајќи ги трошоците за живот на граѓаните и за бизнисите“, велат од ДУИ.

Според нив, во ваква ситуација институциите треба активно да реагираат, но досега, како што наведуваат, нема претставено ниту план ниту конкретни мерки за заштита на куповната моќ.

Од партијата предлагаат неколку чекори кои, според нив, можат веднаш да се преземат. Меѓу нив се линеарно зголемување на платите за 3.500 денари почнувајќи од мартовските плати, привремено замрзнување на цените на основните прехранбени производи, како и активирање на државните резерви на нафта кои биле набавени по цена пониска од 70 денари за литар, со цел да се ублажи ударот врз пазарот.

ДУИ предлага и ваучер од 3.000 денари за работниците кои работат надвор од местото на живеење, како компензација за зголемените трошоци за превоз.

Во меѓувреме, цената на нафтата на светските пазари повторно се искачи над 100 долари за барел. Економските експерти предупредуваат дека доколку конфликтот на Блискиот Исток не заврши брзо, можно е ново продлабочување на кризата и дополнително зголемување на инфлацијата.

Од Иран веќе беше упатено предупредување дека цената на нафтата би можела драматично да порасне и да достигне и до 200 долари за барел. Од Владата, пак, порачаа дека ќе се следи состојбата и дека нема да се дозволат нереални покачувања на цените и профитерство на пазарот.