
Прашањето за институционалната одговорност повторно беше во фокусот на судскиот процес поврзан со пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, бранител на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, изјави дека оваа институција нема законска надлежност да врши инспекциски контроли во угостителски објекти.
Според него, улогата на Дирекцијата е поврзана пред сè со цивилната заштита, управувањето со кризни ситуации и справувањето со природни непогоди и големи несреќи, а не со редовни проверки на кафулиња, ресторани и други угостителски објекти.
„Дирекцијата за заштита и спасување не е инспекциски орган кој врши контроли во кафулиња, кафани и ресторани. Станува збор за институција која се занимава со цивилна заштита, шумски пожари и други поголеми несреќи“, изјави Давидовиќ.
Тој објасни дека во рамките на институцијата постои Генерален инспекторат, но неговата надлежност се однесува на конкретни области утврдени со закон, а не на редовни инспекциски контроли во угостителски објекти.
Давидовиќ посочи и дека недостигот на инспектори во системот е долгогодишен проблем. Според него, решението за тоа прашање зависи од Владата, бидејќи секое ново вработување мора да добие согласност од Министерството за финансии.
„Ова е комплексен проблем кој тешко се решава во рамките на постојниот систем за пополнување на работни места“, рече адвокатот.
Тој нагласи дека одговорност за функционирањето на системот за заштита и спасување имаат и други институции, како општините и Министерството за внатрешни работи. Според него, без соодветни планови и документација за заштита и спасување, не би требало да се издаваат дозволи за изградба или користење на објекти.
Изјавите на Давидовиќ следуваат по сведочењето на инспектор од ДЗС од подрачното одделение во Виница, кој пред судот посочи дека по пожарот во клубот „Пулс“ биле утврдени сериозни пропусти. Меѓу нив, како што рече, биле недостиг на противпожарни апарати, празен хидрант и заклучена помошна врата.
Инспекторот сведочеше и дека во Кочани повеќе од десет години немало инспектор за заштита и спасување, а за вршење надзор во друга општина е потребен писмен налог од раководството.


