Skip to main content
Македонија

Бесплатни мерења на очен притисок по повод Светската недела на глауком

12/03/2026  15:10

По повод Светската недела на глауком (8–14 март 2026 година), која годинава се одбележува под мотото „Uniting for a Glaucoma-Free World“ – „Заедно за свет без глауком“, Клиниката за очни болести, заедно со повеќе здравствени установи низ земјата, организира активности за подигање на јавната свест и за рано откривање на оваа болест.

Глаукомот, често нарекуван „тивок крадец на видот“, претставува една од водечките причини за неповратно губење на видот во светот, но и кај нас. Болеста најчесто се развива без болка и без изразени симптоми во раните фази. Кога ќе се појават првите знаци – како губење на периферниот вид – оштетувањето на очниот нерв често веќе е неповратно.

Податоците укажуваат дека глаукомот претставува сериозен јавно-здравствен предизвик и во нашата земја.

Во Македонија:

· Се проценува дека околу 20.000 лица живеат со глауком, при што значителен број случаи сè уште не се дијагностицирани.

· Само во 2025 година регистрирани се 109 хоспитализации поради глауком, од кои 96 на Клиниката за очни болести во Скопје.

· На Клиниката се изведени 80 хируршки интервенции поврзани со третман на оваа болест.

· Во 2024 година, само за два главни лека од позитивната листа – Timolol и Brinzolamide (Azopt) – издадени се околу 195.000 рецепти, во вкупна вредност од над 47 милиони денари.

Овие податоци дополнително ја потврдуваат потребата од рано откривање и редовна превенција.

Препорака до граѓаните

Граѓаните кои се постари од 40 години, имаат фамилијарна историја на глауком, дијабет, висока миопија или други ризик-фактори, се охрабруваат навремено да направат офталмолошки преглед.

Редовното мерење на очниот притисок, проверката на видното поле и прегледот на оптичкиот нерв се клучни за навремено откривање на болеста и спречување на трајно губење на видот.

Не чекајте симптоми – глаукомот не боли, но слепи.