Skip to main content
Македонија

Лекарска комора: 70% од докторите се соочиле со насилство на работното место

12/03/2026  11:45

Лекарската комора на РСМ, заедно со европските докторски асоцијации и Министерството за здравство, денеска го одбележува 12 Март, Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, кој претставува аларм за „тивката пандемија” што го нагризува здравството и општеството.

Претседателот на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, истакнува дека кога еден лекар е нападнат вербално, физички или преку социјалните мрежи, не страда само поединецот, туку целиот систем и пациентите кои чекаат помош.

„ Ние докторите не сме ваши непријатели, напротив, докторот е тој кој се бори за вашиот живот, во различни услови. Насилството и агресијата не се решенија за системските недостатоци “, изјави проф. д-р Гривчева Старделова.
Податоците се разочарувачки и покажуваат дека над 70% од докторите во земјата се соочиле со насилство на работното место, додека анкетите на Комората откриваат дека дури 78% од докторите биле изложени на некаков вид насилство, од кои 80% на вербално и 6,8% на физичко насилство. И покрај измените на Кривичниот закон во 2023 година со кои нападот врз медицинско лице се третира како напад врз службено лице, очекуваните резултати изостануваат бидејќи речиси 70% од нападите воопшто не се пријавуваат поради сложените процедури или перцепцијата на докторите дека тоа е дел од нивната работа. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, по Законот за здравствена заштита, измината година се поднесени две кривични пријави за кривично дело „напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност” за кои се пријавени тројца сторители. Едно дело се случило во Скопје, за кое се пријавени двајца сторители и едно дело во Штип.

Проф. д-р Карди Хаџихамза, член на Извршниот одбор на Комората, како психијатар предупредува на сериозноста на последиците по докторите од нападите.

„Последиците од насилството врз докторите се сериозни и вклучуваат психолошки стрес, анксиозност и прегорување, што многумина ги принудува да размислуваат за напуштање на професијата или заминување во странство, што дополнително го слабее здравствениот систем. За спречување на овие појави, неопходно е здравствените установи да воведат подобри безбедносни мерки – како обезбедување и видеонадзор, но и да се работи на подобрување на комуникацијата помеѓу докторите и пациентите и на едукација на пациентите”, истакна проф. д-р Хаџихамза.

Лекарската комора инсистира на брза институционална разрешница на секој инцидент и стопирање на дигиталниот линч врз лекарите, истовремено апелирајќи за подобрување на условите за работа преку зголемување на персоналот и подобра организација.

„Хуманоста е двонасочна улица и затоа е потребна почит и нулта толеранција за насилство од страна на сите чинители – институциите, медиумите и граѓаните – со цел да се изгради безбедна средина во која лекарите ќе можат достоинствено да ја вршат својата професија. Комората ги повикува сите доктори задолжително да ги пријавуваат инцидентите во полиција и во Комората, бидејќи само со соодветни санкции ќе се престане да се испраќа порака дека насилството е прифатлива форма за изразување незадоволство”, истакнува проф. д-р Гривчева Старделова.

Подобрите безбедносни мерки треба да опфатат поголемо присуство на обезбедување, системи за видеонадзор и јасни протоколи за реагирање во случај на агресија. Исто така, треба да се работи на подобрување на комуникацијата меѓу докторите и пациентите. Кога пациентите се добро информирани за својата состојба и за процесот на лекување, нивото на недоверба и фрустрација се намалува. Во едукацијата на докторите треба да се посвети повеќе внимание на развој на комуникациски вештини. Исто така, се потребни и едукативни јавни кампањи за пациентите кои ќе ја подигнат свесноста за потребата од  почит кон здравствените работници и ќе придонесат за создавање на култура на меѓусебна почит.