Skip to main content
Свет

Путин и Трамп разговараа телефонски за Иран, Украина и Венецуела

09/03/2026  22:53

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со претседателот на САД Доналд Трамп, потврди помошникот на рускиот лидер Јуриј Ушаков, наведувајќи дека разговорот траел околу еден час и бил инициран од американската страна.

Според Ушаков, главни теми на разговорот биле конфликтот околу Иран, војната во Украина, како и актуелната ситуација во Венецуела. Станува збор за прв разговор меѓу двајцата лидери по повеќе од два месеци, а воедно и за првиот познат контакт откако започнаа американско-израелските напади врз Иран.

Ушаков изјави дека разговорот бил „деловен, отворен и конструктивен“, додавајќи дека рускиот претседател изнел повеќе предлози насочени кон брзо политичко и дипломатско решение на конфликтот со Иран.

Од американска страна, Трамп ја изнел својата проценка за развојот на ситуацијата поврзана со американско-израелската воена операција против Иран, но без да открива детали од таа анализа.

Во разговорот било отворено и прашањето за војната во Украина. Според руската страна, дискусијата се однесувала и на состојбата на фронтот, додека Трамп нагласил дека е заинтересиран конфликтот да заврши што побрзо, со прекин на огнот и долгорочно политичко решение.

Двајцата лидери разговарале и за ситуацијата во Венецуела, особено во контекст на случувањата на светскиот пазар на нафта.

Според Ушаков, разговорот бил содржаен и може да има практично значење за понатамошната соработка меѓу Москва и Вашингтон. Воедно, и Путин и Трамп изразиле подготвеност ваквите контакти да продолжат и во иднина.