Skip to main content
Балкан

Вучиќ: Не сме ничии марионети

09/03/2026  17:18

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за „Зидојче Цајтунг“ изјави дека при настаните поврзани со Нафтената индустрија на Србија (НИС), односите со Русија се заладени.

Вучиќ рече дека за време на преговорите за сопственичката структура на НИС, имало закани од Русија за прекин на снабдувањето со гас, додека руските медиуми „го нападнале поостро од многу западни лидери“.

„Традиционално, имавме добри и пријателски односи, но сега едноставно морав да ги заштитам националните интереси на Србија. Ние не сме ничии марионети…но, тогаш руските медиуми ме нападнаа многу остро, поостро од многу западни лидери. Ние не сме ничии марионети“, рече српскиот претседател.

Тој исто така наведува дека ја убедил руската страна да го продаде уделот во НИС на Србија, дека бил фер и дека дури и не инсистирал на правото на првенствено одбивање, како и дека постојано прашувал зошто не сакаат да го продадат НИС на Србија, но дека не добил точен одговор.

Претседателот на Србија во интервјуто што го пренесуваат српски медиуми, рече дека Србија сериозно сака да се приклучи на ЕУ и да ги интензивира напорите во таа насока, и дека резултатите наскоро ќе бидат видливи. Тој додава дека препораките од ЕУ се очекуваат во следните неколку дена, и дека Србија ќе ги прифати сите препораки.

„Сепак, не верувам дека наскоро ќе можеме да станеме полноправна членка на Европската Унија. Затоа јас, заедно со Еди Рама, премиерот на Албанија, се залагаме за Европа со различни брзини. Верувам во заеднички пазар, во Европа без граници. Ако можеме политички и економски да станеме дел од ЕУ на овој начин, без право на глас, право на вето и наш сопствен комесар, тоа би нè направило многу среќни“, рече Вучиќ.