Skip to main content
Македонија

8 Март како огледало: дали знаеме да слушнеме пред да биде доцна?

08/03/2026  11:10

Пишува: Фатмир Битиќи-пратеник во Собранието на РСМ

8 Март – Меѓународниот ден на жената вообичаено е исполнет со честитки и желби кои треба да доведат до ослободување на жената во општеството од стегите на доминацијата и дискриминацијата. Денешниот ден не треба да биде датум што рутински се слави како точка во календарот, тој треба да нè обврзува како мерка на цивилизациски развој и како испит на нашата политичка зрелост. Ден кога се потсетуваме дека достоинството не е приватна доблест, туку јавна вредносна архитектура на општеството. Односот на државата кон слободата се препознава низ нејзиниот однос кон жената, која прераснува во референтна одредница за институционалниот однос кон слободата во општеството.

Во најдлабока смисла, 8 Март е спомен на е едноставна, но тврдоглава вистина дека правата не се подаруваат. Правата се освојуваат, а еднаквоста не е израз на институционална љубезност, туку прашање на политичка одлука. „Женското прашање“ никогаш не било само женско, станува збор за прашање за тоа колку е човечко едно општество. И токму затоа, годинава, најважната порака што треба да ја упатиме е „те слушам“. Чин на признание дека достоинството не се брани со симболични дела, туку со политичка будност, реакција и институционална заштита.

Општествениот сензибилитет, од вредносна перспектива, не се задоволува само со „мека“ емпатија, јавната зрелост е тоа што ја задоволува. Тоа е способноста една заедница да ја препознае човечката ранливост како своја обврска и да ја напушти комфорната зона на нејзино набљудување како туѓа несреќа. Сензибилитет значи да се има толерантност кон различностите како општествено вредносна навика, односно да не ја казнуваме жената затоа што е „премногу гласна“ или „премногу тивка“, затоа што е „различна“, затоа што не се вклопува во туѓите мерки и животни критериуми. Во прашање е капацитетот да се слушне и оној што нема моќ, да се заштити и оној што е невидлив – старите жени, жените што живеат сами, жените што пријавуваат, жените од маргините на институционалното внимание. Кога општеството ја губи оваа чувствителност, тогаш различноста станува причина за потсмев, ранливоста станува причина за вина, а системскиот молк станува „нормала“. Кога овој молк се нормализира, насилството многу полесно се прикрива.

И овде мора да направиме еден елегантен, но болен премин од вредностите кон нашата реалност. Притоа треба и да се потсетиме дека вредностите не се проверуваат кога ни е удобно, туку кога сме соочени со болка, а Македонија деновиве се наоѓа токму таму.

Последните денови нè исполнија со горчина од трагедија што не смее да стане уште една кратка вест. Животот на мајка и нејзината малолетна ќерка згасна како последица на низа системски пропусти и неусогласени институционални чекори. Ако некој и натаму има искушение да го нарече тоа „изолиран случај“, нека се сети на Росица од Велес – уште една смрт во која јавноста повторно го слушаше истиот речник на оправдувања: „немало навремена реакција“, „немало координација“. Две различни трагедии, една иста лекција: без одговорност, болката се повторува.

Кога зборуваме за држава, систем ,институции, мора да бидеме прецизни за да не западнеме во замката на колективизмот, односно не постои колективна вина како алиби, ниту постојат „апстрактни структури“ што се распаѓаат сами од себе. Институциите се составени од луѓе и постапки, означена со потписи и одлуки, исполнета со приоритети, одложувања и непостапување. Овде не може да се зборува судбина која лесно се објаснува, туку за човечки избори во моменти кога требало да се реагира и за тоа дали тие избори ќе имаат последица или ќе исчезнат зад бирократски формулации.

Постои збор што боли, но помага да се именува реалноста – фемицид. Според меѓународните дефиниции, тоа се родово-мотивирани убиства на жени и девојки, односно најекстремниот крај на континуумот на насилство, каде родот е причината зошто жртвата е избрана. Точното именување и означување на состојбите го разбирам како почеток на одговорноста, бидејќи кога нешто нема име, тогаш тоа лесно се релативизира.

Општествениот сензибилитет понекогаш се губи и таму каде што мислиме дека „нема драматичност“. Деновиве јавноста е вознемирена и од истрага во Куманово, поврзана со случаи каде повторно жени се жртви. Но овде најважната лекција е содржана во нашата реакција, односно ако насилството ги погодува повозрасните жени, емпатијата често доаѓа подоцна – како да постои скала на живот што според годините одредува што заслужува внимание. Тоа е опасна форма на општествена негрижа, затоа што ја учи заедницата дека не секој живот „тежи“ исто во нашата совест.

Да погледнеме во бројките како рендген на нешето секојдневие. Жените се 50,4% од населението, а сепак, токму тие ја носат инфраструктурата на грижата во татковината – 93% од вработените во јавните установи за згрижување и градинките се жени,во домовите за возрасни и стари лица жените се 81% од негувателките. Што значи дека жените ја држат државата во нејзиниот најчовечки дел – грижата.

Ако жените ја држат државата во нејзиниот најчовечки дел – грижата, тогаш вистинското прашање е: дали државата ја држи жената кога таа ќе стане ранлива? Дали има институции што реагираат пред да се повтори болката? „Грижата“ не е само професија, таа е домашна обврска, односно општествена етика. А општество што ја зема грижата здраво за готово, а притоа дозволува жената да остане незаштитена, создава најопасен парадокс: од жената бара да го одржува животот, а не знае да го заштити нејзиниот.

Затоа 8 Март треба да заврши со политичка обврска за одговорност што има име и последица, институции што не молчат и вредносна култура што ја штити различноста, наместо да ја казнува. На овој ден, треба да си поставиме завет да не се навикнуваме на институционалниот молк, да не ја релативизираме заканата и да не ја сведуваме жената на симбол. Жената не е тема за еден ден, таа е мерка на демократијата секој ден. И само тогаш „те слушам“ може да биде вредносна политика, а не утеха.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.