
Евакуираните македонски државјани од Израел ќе се вратат вечерва во Скопје. Тие преку Египет се враќаат во Македонија, и се очекува да слетаат околу 20:00 часот на меѓународниот аеродром Скопје.
Како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на аеродромот патниците ќе ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.
Во останатите подрачја погодени од воениот конфликт до денес 505 македонски граѓани се обратиле до Амбасадата во Абу Даби, 31 лице во Кувајт, 14 лица во Бахреин и 141 лице во Доха.
– Во следните денови се очекува да започне реализацијата на враќањето на македонските државјани од Обединетите Арапски Емирати, како и на граѓаните кои се наоѓаат во Катар, Бахреин и Кувајт, за кои е предвидено враќање со организирани летови преку Кралството Саудиска Арабија. Процесот на евакуација се реализира согласно веќе разработен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции, информира претходно ресорното Министерство.
Оттаму ги викаат сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва, а имаат потреба од асистенција, да го сторат тоа во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви во дипломатско-конзуларните претставништва или преку СОС-бројот на МНРиНТ.


