
Психологот Тиана Ивановска преку јавен статус на социјалните мрежи упати сериозна критика до институциите, обвинувајќи за, како што наведува, „институционална глувост, некадарност и партиски вработувања“ во системот за социјална заштита, кога станува збор за заштита на жени жртви на семејно насилство.
Ивановска посочува дека две години работела како психолог во анонимен шелтер за жени жртви на семејно насилство, а уште најмалку толку и во областа, при што, како што вели, била сведок на сериозни пропусти кои директно ги загрозувале животите на жртвите и нивните деца.
Во својата објава таа наведува конкретен пример – транспорт на жена жртва на насилство со две деца до анонимен шелтер, извршен со службено обележано возило на Центар за социјална работа, со што, според неа, била доведена во опасност безбедноста на жртвата, децата и персоналот во шелтерот.
Психологот алармира и за, како што наведува, бавноста на судските постапки и неизрекувањето навремени мерки за забрана на пристап, дури и во случаи кога насилникот отворено се заканувал и престојувал пред домот на жртвата. Таа тврди дека дел од сторителите имаат сериозни психолошки нарушувања, зависности или криминално досие, а финансиската моќ ја користат за влијание врз институции.
„Тоа што ние го гледаме однапред, јавноста го гледа отпосле – кога веќе ќе се случи трагедија“, пишува Ивановска, додавајќи дека често случаите завршуваат со „консултативни разговори“ наместо со конкретни санкции и заштитни мерки.
Во објавата таа повикува на целосна ревизија на досиејата и утврдување на одговорност за сите институционални пропусти, со барање за санкционирање не само на насилниците, туку и на службениците кои со своето постапување или непостапување придонеле за ризик по животот на жртвите.
„Еден казнет насилник не ја прави пролетта. Казнете ги и бирократите што за ситен поткуп ќе ризикуваат нечиј живот“, порачува Ивановска во својата јавна реакција.
Нејзиниот статус предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, отворајќи повторно прашања за ефикасноста на институциите во заштитата од семејно насилство и потребата од системски реформи.


