Skip to main content
Македонија

Скандал во МВР: Со фалсификувана дозвола управувал полициски хеликоптер и превезувал функционери

02/03/2026  13:42

Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Н.А., кој ја извршува функцијата главен пилот во Одделот за воздухопловни единици, поради сериозни сомнежи за фалсификување службени документи.

Според официјалниот одговор од МВР доставен до објави Скопје инфо., пријавениот се товари за кривично дело „Фалсификување исправа“, казниво по член 378 став 3 од Кривичниот законик.

Истрагата утврдила дека пилотот самоиницијативно и незаконски впишал дека поседува овластување за управување со хеликоптери од типот TRI BELL 206 во својата официјална дозвола, иако такво овластување реално немал. Потоа, ваквиот документ свесно го користел како валиден во повеќе управни постапки пред надлежни институции во земјава и во странство.

Според информациите, полицискиот инспектор и главен пилот со години управувал полициски хеликоптер користејќи фалсификувана исправа, при што во тој период превезувал и високи политички функционери и министри, што дополнително ја зголемува тежината на случајот.

Злоупотребите, како што информираат од МВР, биле направени со цел пријавениот незаконски да се стекне со повисоки професионални овластувања кои реално не ги поседувал. Во периодот од 27 февруари до 10 април 2023 година, додека бил началник на Одделот за воздухопловни единици, незаконски впишал дека поседува и овластување за инструктор на хеликоптери TRI BELL 206, наведувајќи дека истото наводно било стекнато на 26 февруари 2020 година.

Фалсификуваната дозвола била користена во повеќе постапки. Во Словенија, документот бил приложен пред Управата за полициски специјалности – Воздухопловна полициска единица во Брник, додека во Македонија бил употребен во две одделни управни постапки пред Агенцијата за цивилно воздухопловство со цел впишување на спорното овластување во цивилната воздухопловна дозвола.

Собраните докази се доставени до надлежното Јавно обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошниот тек на кривичната постапка.