Tри тела се извлечени утринава од туристички брод што потона во близина на египетскиот брег на Црвеното Море, а спасувачките тимови сè уште трагаат по 13 исчезнати лица, изјави гувернерот Амр Ханафи за „Ројтерс“.
Бродот „Си стори“ потона во понеделникот во близина на гребенот Сатаја превезувајќи 31 турист и 13 члена на екипажот на повеќедневно нуркачко патување. Беше погоден од високи бранови и потона за 5 до 7 минути. Се верува дека шеснаесет патници се заробени внатре.
Дваесет и осум преживеани беа спасени со полесни повреди за кои не беше потребна хоспитализација. Преживеаните се сместени во хотел во Марса Алам, каде што властите работат со амбасадите и конзулатите за да обезбедат помош и документација.
Ханафи рече дека бродот ја поминал последната безбедносна инспекција во март 2024 година, без пријавени технички проблеми. Бродот, сопственост на египетски државјанин, бил долг 34 метри и добил едногодишен безбедносен сертификат од Управата за поморска безбедност.
Несреќата се случила при лоши временски услови. Египетската управа на пристаништа на Црвеното Море во неделата извести за бранови од 3 до 4 метри и силен ветар, што го затвори поморскиот сообраќај.
Тоа беше вториот брод што потона во областа оваа година; во јуни уште еден брод претрпе сериозни оштетувања од силните бранови, иако немаше извештаи за жртви. Црвеното Море, познато по своите корални гребени и разновидниот морски живот, е главниот центар на туристичката индустрија во Египет, кој игра клучна улога во економијата на земјата.