
Без нејзина согласност, албанската актерка Анила Биша стана лице и глас на првата министерка за вештачка интелигенција во светот – Диела.
Минатиот септември, албанскиот премиер Еди Рама претстави дигитален аватар наречен Диела, вештачка интелигенција на која ѝ е доверена задачата да ги следи јавните тендери со цел борба против корупцијата. Кратко по презентацијата, виртуелната министерка одржа говор во парламентот, во видео порака што ги обиколи светските медиуми.
Биша рече дека претходно соработувала со државата, но во сосема друг проект. Имено, таа го дала својот лик и глас како дигитален асистент на платформата е-Албанија, која им помага на граѓаните да се снајдат меѓу јавните служби и администрацијата. Според нејзините тврдења, таа никогаш не се согласила истиот материјал да се користи за политички проект или за аватар претставен како член на владата.
По воведувањето на „министерката за вештачка интелигенција“, нејзиниот секојдневен живот се промени. Таа вели дека на улица ја нарекуваат со името на нејзиниот аватар, а дел од јавноста ја идентификува со владината политика, што довело до онлајн напади и непријатни ситуации. Поради оваа причина, таа покрена судска постапка против државата, барајќи забрана за понатамошно користење на нејзиниот идентитет и надомест за злоупотреба на лични податоци.
Албанските власти, од друга страна, тврдат дека не направиле ништо нелегално и наведуваат дека проектот е дел од поширока дигитална реформа насочена кон намалување на политичкото влијание во постапките за јавни набавки.
Премиерот Еди Рама претходно изјави дека вештачката интелигенција треба да помогне јавните тендери да станат „100 проценти ослободени од корупција“.
Диела првично беше развиена како дигитален асистент за државни служби, но подоцна ѝ беше дадена симболична министерска позиција, потег што владата го претстави како технолошка иновација, а критичарите како политички спектакл.
Случајот на Анила Биша покренува прашања што сè повеќе го придружуваат развојот на генеративната вештачка интелигенција: кој го контролира дигиталниот идентитет, каде завршува договорната употреба на податоци и дали сликата на една личност може да стане политичка алатка без јасна согласност.
Адвокатите предупредуваат дека оваа тужба би можела да стане еден од првите европски преседани поврзани со правото на глас и визуелен идентитет во ерата на вештачката интелигенција, област каде што, велат тие, законодавството сè уште се обидува да го достигне чекорот со технологијата.

