
Владата има улога на фасилитатор кој треба да го гарантира тоа што социјалните партнери ќе го договорат, а не активна страна која наметнува решенија во преговорите за платите. Ова го истакна Бојан Стојаноски во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, нагласувајќи дека најдобра плата е онаа која работникот реално ќе ја добие на својата сметка, без притоа да се загрозат економските прилики.
Тој упати повик до раководството на синдикатите уште еднаш да седнат на Економско-социјалниот совет заедно со работодавачите и да договорат износ на минимална плата кој е прифатлив за двете страни, објави 4news.mk
Според него, на државата и одговара повисока минимална плата бидејќи тоа значи поголеми приходи во буџетот, но инсистира дека решението мора да дојде од оние кои ја исплаќаат и оние кои ја примаат платата.
Стојаноски ги отфрли обвинувањата дека Владата застанува на страната на коморите, посочувајќи дека веќе се потпишани колективни договори со сите вработени во државната управа. Тој додаде дека поддршката за приватниот сектор преку линијата од 250 милиони евра е директен обид да се подигне продуктивноста, што природно ќе доведе до повисоки плати. На крајот, тој подвлече дека Владата не избира страни меѓу бизнисот и синдикатот, туку секогаш застанува на страната на граѓаните и реалните економски можности.


