
Притисоците и заканите врз работниците кои бараат достоинствени примања се секојдневие, особено во јавниот сектор, алармира претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk.
Според него, најжестоките притисоци доаѓаат со политичка поддршка, а често се реализираат преку структури на синдикати кои одбиле да ги поддржат протестите.
Трендафилов го посочи примерот со вработените во Пошта на Северна Македонија, кои првично биле таргетирани за санкции поради учество на протест поради неисплатени плати. Сепак, тој нагласи дека стравот кај работниците веќе не постои.
„Никој во Македонија веќе не му се плаши на никого. Единствено нешто што им должиме е на нашите семејства да им обезбедиме повисоки плати и достоинствен живот. Ако мислат дека со притисоци или со најави за објавување некакви нови видеоснимки ќе нè замолчат, се лажат. Тоа само покажува дека државните ресурси се трошат за следење на сите кои сметаат дека минималната плата мора да расте“, порача Трендафилов.
Тој јасно стави до знаење дека заканите од владини претставници за компромитирачки снимки нема да го поколебаат Синдикатот. Според него, ССМ е тука за да ја води борбата до крај, сè додека не се постигне целта за правично вреднување на трудот.
„Ние сме избрани од работниците и ја примаме нашата плата токму за ова – да стоиме на првата линија. Ќе продолжиме со оваа борба сè додека не избориме повисока минимална плата за секој еден работник во државата“, заклучи првиот човек на ССМ.

