
Дали конфликтот околу извршните овластувања е чекор кон ескалација или уште еден пример како американскиот систем ги апсорбира сопствените тензии?
Пишува: ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ
Кога претседателот и Врховниот суд ќе се најдат на спротивни страни, јавноста речиси инстинктивно очекува институционална бура. Во актуелниот контекст, многумина веќе зборуваат за можен сериозен судир меѓу Доналд Трамп и Врховниот суд, како да станува збор за момент што може да ја разниша рамнотежата на системот. Поларизацијата, силната реторика и крупните економски одлуки создаваат впечаток дека секоја правна пресуда може да стане политички земјотрес.
Но зад тој впечаток стои подлабока дилема: дали сме сведоци на институционален тест или на институционална криза?
Кога претседател воведува царини повикувајќи се на веќе постоечки законски овластувања, формално тој користи моќ што му е делегирана од Конгресот. Тоа не е правен вакуум, туку интерпретација на норма што веќе постои во законската рамка. Однадвор, ваквиот потег изгледа како демонстрација на решителност и институционална сила. Брзина наместо долга дебата. Акција наместо чекање.
Но вистинската тежина на ваквите одлуки не лежи во самиот чин, туку во нивната интерпретација. Колку е широка делегираната моќ и каде завршуваат нејзините граници? Дали општо формулирана одредба може да оправда економска политика со далекусежни последици? И каде точно завршува извршната дискреција?
Тука на сцена стапува Supreme Court of the United States (Врховен суд на САД), не како политички актер, туку како чувар на уставните принципи. Судот во последниве години покажува двојна тенденција: традиционална воздржаност во прашања поврзани со надворешна политика, но истовремено и сè понагласена скепса кон ширење на федералната моќ без јасна и експлицитна дозвола од Конгресот. Токму таа двојност ја прави ситуацијата неизвесна.
Доколку Судот оцени дека законот дозволува ваква широка интерпретација, тоа ќе значи тивко, но значајно зацврстување на извршната моќ. Преседан што нема да важи само за конкретниот мандат, туку и за идните. Но ако заклучи дека е премината граница, тогаш потегот може да се претвори во бумеранг и тоа не само како поништување на конкретна мерка, туку како долгорочно ограничување на претседателската дискреција.
Во оваа равенка не може да се игнорира ни факторот личност. Стилот на Доналд Трамп често се доживува како самоуверен и конфронтациски. Во мирни времиња тоа може да изгледа како политичка енергија, но при институционален судир истата таа енергија може да ја зголеми политичката температура, особено во случај на негов судски пораз. Но и тука мора да се направи разлика меѓу реториката и системот. Суштинската разлика е во тоа што реториката ја зголемува драмата, додека институциите ја одредуваат границата. Американскиот уставен модел не е изграден врз доверба во карактерот на поединецот, туку врз механизми на рамнотежа и контрола, т.н. „system of checks and balances“.
Правниот ризик, секако дека постои. Доколку Судот пресуди дека границата е пречекорена, тоа може да значи институционален пораз за претседателот. Но правниот пораз не е автоматска политичка катастрофа. Она што навистина може да создаде ескалација не е самата одлука, туку начинот на кој таа ќе биде искомуницирана со јавноста и прифатена.
Во една таква ситуација честопати доаѓа до ерозија на меѓуинституционалната доверба, кога гранките на власта почнуваат да се гледаат како ривали наместо како корективи. Тогаш секоја правна одлука добива политичка температура. Затоа, ако институционалната корекција се третира како политичка пресметка, тензијата ќе се зголеми. Ако, пак, се прифати како дел од уставната игра, системот продолжува да функционира.
Реално, во американскиот уставен модел судирите меѓу гранките не се аномалија, туку дел од дизајнот. Ескалацијата обично не оди од 0 до 100 односно до крајност. Таа се движи постепено: судска одлука, политичка реакција, можеби законска корекција, можеби јавна мобилизација и др. Тоа се фази на еден процес, а не експлозија. И да, ако конфликтот стане личен најчесто цената ја плаќа индивидуата што е во фокусот. Затоа што институциите имаат подолг живот од кој било мандат. Ако дојде до сериозна ескалација, таа историски завршува со политичка штета за индивидуата/претседателот, но не со распад на институциите или на системот. Системот има инерција; поединците имаат рок односно мандат.
Историјата покажува дека дури и во моменти на силна поларизација, американските институции имаат способност да апсорбираат удар. Претседателите доаѓаат и си одат. Судските преседани остануваат. Конгресните мнозинства се менуваат. Системот, пак, има инерција.
Затоа ова навистина личи на шаховска позиција во средина на партија. Потегот може да изгледа агресивно и доминантно, но неговата вистинска вредност се гледа неколку потези подоцна. Дали ќе се зацврсти извршната моќ или ќе се повлече линија што ќе ја ограничи? Тоа зависи од принципите што Судот ќе одлучи да ги заштити.
Важно е да се направи јасна разлика: судска одлука што поништува извршна мерка не претставува основ за импичмент сама по себе. Импичментот во американскиот систем не е инструмент за санкционирање на спорна правна интерпретација или политичка одлука, туку механизам резервиран за сериозни злоупотреби на функцијата. За да започне постапка, потребно е мнозинство во Претставничкиот дом да изгласа обвинение, а потоа двотретинско мнозинство во Сенат да донесе одлука за разрешување. Тоа претпоставува широк политички консензус, а не само правно несогласување. Затоа, дури и во случај на судски пораз, исходот најчесто останува во рамките на институционалната корекција, а не преминува во политичка санкција од највисок ред.
Она што навистина би претставувало криза не е несогласувањето меѓу гранките на власта, туку одбивањето да се прифати еднаш исцртаната граница. Додека границите се почитуваат, конфликтот останува дел од уставната динамика, а не негова слабост.
Затоа, иако многумина очекуваат сериозен судир на релација Трамп – Врховен суд, но искуството покажува дека ваквите моменти почесто се тест на системот отколку негова пресуда. Тензија? Да. Драма? Секако.
Но распад? За тоа е потребно многу повеќе од тврд карактер и една судска одлука.
Можеби најважното во вакви моменти не е прашањето кој ќе победи, туку дали правилата ќе останат посилни од личностите. И ако нешто може да се заклучи од досегашните искуства, тоа е дека системот е создаден токму за вакви тестови, не за да ги избегне, туку за да ги преживее. Политичките судири ја тестираат архитектурата на системот, но токму тие тестови покажуваат зошто и како тој систем е изграден да трае и да ги надживее сите искушенија.

