Skip to main content
Балкан

Туристка ја нарече Србија „нецивилизирана“ – лавина реакции

22/02/2026  10:18

Видео објавено од жена која за првпат ја посетила Србија предизвика вистинска бура реакции на социјалните мрежи, откако таа јавно се пожали на пушењето во угостителските објекти.

Корисничката на TikTok, која се претставува како zeina_honest.beauty, во видеото изрази изненадување и незадоволство од фактот што пушењето е дозволено во многу ресторани и кафулиња, тврдејќи дека поради тоа „секој човек во Србија мириса на цигари“.

„Моментално сум во Србија. Пушењето е дозволено буквално насекаде – во секој ресторан и секое кафуле. Сите мои џемпери, облеката и косата мирисаат на чад. Ужасно е! Едвај чекам да се вратам во Лондон, назад во цивилизацијата“, вели таа во видеото.

Клипот брзо се прошири и на други платформи, вклучително и X (поранешен Twitter), каде што отвори жестока дебата. Дел од корисниците се согласија дека правилата за пушење во затворени простории се застарени и дека потребни се построги регулативи, додека други ја обвинија туристката за навредлив тон и генерализирање.

Некои реакции беа остри и лични, па еден корисник напиша дека критиката кон цела држава е непотребна, додека друг додаде дека „проблемот не е во мислењето, туку во тоа што Србија била претставена како нецивилизирана“.

Имаше и поумерени ставови, со предлози угостителските објекти јасно да се означат како пушачки и непушачки, со цел секој гостин сам да избере каде ќе престојува.

Дебатата повторно го отвори старото прашање за балансот меѓу традицијата на кафулињата на Балканот и современите здравствени стандарди, тема која редовно предизвикува поделени мислења во јавноста.

А видеото – барем засега – продолжува да собира илјадници реакции и коментари од целиот регион.