Македонски концепт бара итна суспензија на „францускиот предлог“ од преговарачка рамка на ЕУ

Отворено писмо од Македонски концепт до ЕУ амбасадорот Дејвид Гир

Почитуван господин амбасадор,

високо почитувајќи ја Вашата дипломатска мисија, а согласно одлуката на Извршниот Тим на Македонски Концепт, загрижени за галопирачкиот раст на ЕУ – песимизмот во земјава, ви се обраќаме на Вас упатувајќи ги нашите аргументите кон барањето за итно повлекување на т.н. „француски предлог“ од преговарачката рамка на ЕУ со Македонија, на сличен начин како што во минатото беше суспендирана Лисабонската декларација.

Ги истакнуваме следните аргументи во таа насока:

  1. „Францускиот предлог“ е антипод на шестте фундаментални вредности во кои заедно сме убедени, а врз база на кои е создадена самата ЕУ и е директен катализатор на анти – ЕУ и песимистичко расположение, каде од 80% јасна поддршка, се доведовме до 80% разочараност на нашите македонски граѓани од вашите политки;
  2. Тој дирекно го суспендира Преспанскиот договор и неговата целосна имплементација, условена од почеток на реалните пристапни преговори со ЕУ. Вие подобро од нас ја знаете важноста на тој договор, ЕУ е негов гарант, согласно што мора да се погрижите за почеток на пристапни преговори, доколку не сакате негова суспензија. Во спротивност, согласно одредбите на самиот договор, тој станува беспредметен, а употребата на „северна“ се исклучува. Македонската страна вистински го имплементира тој договор, но за жал ЕУ изостанува во тој процес. Ризикувате, процесот на европеизација да се врати пред состојбата на решавање на спорот со името Македонија, а слоганот „Нема правда, нема мир“, кој пред само неколку години ја понесе Македонија да се преточи во „Нема ЕУ, нема северна“;
  3. „Францускиот предлог“ е неспроведлив во пракса, согласно расположението на македонските граѓани и поставеноста на политичките фактори, со што истиот претставува пречка за интеграција;
  4. Тој е дирекна последица на т.н. бугарско вето, кое е базирано на “сан-стефанскиот сон“ – руски проект од минатиот век, а неговото имплементирање во преговарачката рамка со ЕУ е де-факто и де-јуре внесување на „рускиот сон за Балканот“ во ЕУ критиериуми за членство;
  5. Претставува легализирање на агресијата на Путин врз Украина, бидејќи по истата советска логика, како што Русија не признава постоење на украински народ, јазик и држава и тоа го смета за легитимна основа за нивната агресија, Бугарија не признава македонски народ, јазик и започна да оспорува државност, со што ја оправдува нивната агресија и уцени врз европскиот процес за проширување;
  6. „Францускиот предлог“ е многу сличен на „кинескиот предлог“ за Украина, кој доколку продолжи да биде основа за проширување на ЕУ на Балканот, дирекно ги буди големо – српските и големо – албанските шовинистички соништа, а во очи конечното решение за Косово;
  7. ЕУ агендата ја претвори во лична и партиска агенда на малкумина владини ЕУ – опортунисти, кои освен грижа за своите фотелји, друго и не познаваат како вредност, а дејствуваат во име на самата ЕУ;
  8. Претставува алиби на актуелната анти – македонска и анти – ЕУ влада, која со својата сервилност и безидејност, корумпираност и неспособност, е клучен катализатор на тоа анти – ЕУ расположение кај граѓаните;

Почитуван амбасадор,

не дозволувајте понатамошно рушење на кредибилитетот на ЕУ во нашите очи, тргнете го клучниот катализатор на ЕУ песимизмот во земјава, a Бугарија е ваша земја членка и ваш внатрешен проблем како да ја ослободите од „руските соништа“ од минатото. Секој тип на национален или етнички шовинизам, особено промовиран од земји членки на ЕУ, како Бугарија во случајов, оди во прилог на плановите на Путин за Балканот, а не на Брисел.

Вие најдобро знаете дека целта на руската политика е да го сопре процесот на проширување на ЕУ, а како најлесен начин за остварување и продолжена рака ја употребува Бугарија. Таа преку провокации со т.н. „бугарски клубови“ и наводна борба за човекови права, предизвикува нарушување на процесот на имплементација на Преспанскиот договор, силна анти – ЕУ атмосфера во земјава и отварање на пандорината кутија за “компензација со територии“, на што сме сведоци со последните координирани барања на т.н. албански политички лидери со руските дипломати. Се плашиме дека ЕУ ќе стане фактор на дестабилизација во регионов, особено во ваков клучен момент за Европа и светот. Ве повикуваме да застанете на патот на тие руски обиди и да не дозволите да се спречи „европеизацијата“ на Балканот во целина. Сите заедно да тргнеме кон иднината, е нашата порака до пријателска Бугарија.

Како ЕУ – фундаменталисти и поддржувачи на ЕУ – интеграцискиот процес за Македонија, бараме итна суспензија на т.н. „француски предлог“, со што за краток период ќе ја вратите довербата кај македонските граѓани во европскиот процес, ќе отворите реални пристапни преговори, без „руски услови“ во преговарачката рамка. Вашето оградување од владините анти – ЕУ, коруптивни и опортунистички политики, преку мерки за ослободување на европската од приватни и партиски агенди, директно ќе ги олесни нашите политики и настап на политичката сцена, на новиот т.н. ЕУ – реализам, оценуваќи го како посакуван во овој момент и како квалитетна замена за песимизмот.

Македонски Концепт, како нова политичка партија на политичката сцена во земјава, останува посветена на полна интеграција на Македонија во ЕУ, по цена и самата ЕУ се откаже од јасна перспектива на процесот. Ние, тргнувајќи од нашиот прогресивен партиотизам, нудиме и ќе нудиме уникатни решенија во таа насока. Едно од нив е замена на „францускиот предлог“ со нов граѓански Устав на Македонија, каде нема да има потреба од имплементирање на руските барања виа Бугарија, со што процесот за преговори ќе биде отворен во својата полнота.

Ве повикуваме дирекно да дејствувате кај носителот на албанскиот шовинистички апархеј во земјава, господинот Талат Џафери да престане да ги злоупотребува службената положба и овластување, а согласно Устав и Закон да дозволи итно распишување на Референдум за нов граѓански Устав, со што ќе го отвориме патот на ЕУ во Македонија.

Респектирајќи ги Вашите интерси, со намера да ја олеснам Вашата дипломатска мисија во Македонија, во мое лично име и во име на Македонски Концепт, Ве поздравувам и Ви посакувам успешна работа,

Национален тим лидер на Македонски Концепт

Петар Богојески

Треба да знаете
Последни објави