Skip to main content
Македонија

ОЈО: Организирана група со јасни улоги пренесувала дрога кон Србија, истрага против шест лица

20/02/2026  14:28

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против шест лица, осомничени за кривичното дело „Неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“.

Истрагата е покрената врз основа на докази обезбедени од Министерството за внатрешни работи, како и документација доставена преку меѓународна правна помош од Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија.

Според наредбата, осомничените, заедно со засега неидентификувани лица, во период од 2025 година до крајот на јануари 2026 година се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога – кокаин и марихуана. Секој член на групата имал јасно утврдена улога во преземањето, складирањето и транспортот на дрогата, наменета за понатамошна нелегална продажба.

Двајца од осомничените, против кои паралелно постапува и српското обвинителство, во договор со првоосомничениот – сопственик на правно лице од Скопје – организирале набавка и повеќекратен транспорт на марихуана од Северна Македонија кон Србија со товарни возила.

Во декември 2025 година, првоосомничениот им дал насоки на вработени да спакуваат сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од правно лице од Струмица. Во рок од две недели биле подготвени повеќе од 200 кутии, по што на вработените им бил одобрен колективен одмор.

На 13 јануари 2026 година, според истрагата, осомничените организирале транспорт на дрогата од објект во Скопје до локација во атарот на Свети Николе, каде кутиите биле пренесени во два наврати. Истовремено, во селото Сарамзалино била извршена претовар на стока од едно во друго товарно возило, по што групата се упатила кон граничниот премин Табановце и ја напуштила државата.

Следниот ден, во раните утрински часови, товарното возило се исклучило од автопат и се упатило кон селото Коњух, каде дрогата била растоварена во објект на правно лице од Крушевац, претходно обезбеден од лица опфатени со истрага на српското обвинителство.

Јавниот обвинител оцени дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и влијание врз постапката, па до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор во траење од 30 дена за двајца од осомничените, на кои претходно им бил определен краткотраен притвор.

Надлежните институции продолжуваат со истрагата за целосно расчистување на случајот и идентификација на останатите инволвирани лица.