
На денот кога лозарите го одбележуваат Св. Трифун – симболот на македонското лозарство и винарство – сведоци сме на нетранспарентни и задоцнети мерки.
Го прашуваме министерот за земјоделие дали имавме рекордна цена или задоцнета мерка за проблем кој постои веќе втора година?
Винскиот сектор носи околу 20% од бруто земјоделското производство и претставува еден од клучните извозни адути на државата. Одлуката за финансиска поддршка од 10 денари по килограм за веќе откупено винско грозје од сортите Вранец и Кратошија од реколта 2025, отвора сериозни дилеми – без објавена економска анализа, без проценка на пазарните ефекти и без јасни критериуми кои се корисниците на оваа мерка, односно кои винарии ќе ja користат поддршката и во колкав износ на финансиски средства по сорти грозје, согласно официјалните податоци со кои располага Државниот инспекторат за земоделство?
Воедно од состојбата на терен јасно е дека постои ниска исплата на лозарите кои добивале и по 52.000 денари по хектар, за сега да добијат само 42.000 денари по хектар. Од друга страна винариите се соочуваат со вишок на грозје од црната сорта, а Министерството задоцнето излегува со соопштение за рекордна цена за реколта 2025, а отпосле носи мерка без анализа за субвенционирање на откупот речиси 50%.
„Како пратеничка доставив писмено пратеничко прашање до министерот за земјоделство со кое барам прецизни одговори: Врз основа на каква економска, производствена и пазарна анализа е донесена подмерката за финансиска поддршка од 10 денари по килограм за веќе откупено винско грозје од сортите Вранец и Кратошија и кои се очекуваните краткорочни и долгорочни ефекти од нејзината примена врз лозарите, винариите и пазарот на вино?”, прашува Зајкова.
„Како е утврдена висината на поддршката од 10 денари по килограм, имајќи ги предвид загарантираните откупни цени за реколта 2025 година и дали е направена проценка за можни пазарни нарушувања или поттикнување на дисбаланс во производството на одредени сорти грозје? Кои субјекти ќе бидат корисници на јавните средства”, изјави Моника Зајкова на денешното закројување на лозје по повод празникот од Демир Капија.
„Мора да постојат фер правила и предвидлива политика. Државата не смее да интервенира по завршена берба без јасни бројки и без транспарентност. Ако оваа мерка е оправдана – да ги видиме анализите. Св. Трифун е ден кога му оддаваме почит на трудот. Време е Владата да покаже почит со дела, а не со ад-хок одлуки”, додаде Зајкова.
Лозарите заслужуваат стабилен пазар, винаарите јасна стратегија и предвидливост, а јавноста заслужува одговори.


