
Несекојдневен случај што отвора сомнежи за можно фалсификување исправи е регистриран во Тетово, откако жена која според официјалните евиденции се води како почината уште пред две децении се појавила во Центарот за социјални работи со новороденче.
Случајот бил откриен по известување од Управата за водење матични книги, според кое на 8 декември 2025 година во Клиничката болница во Тетово било родено женско дете, а како мајка била заведена 27-годишната А.С. При проверка во службените регистри, вработените утврдиле дека лицето со истите податоци се води како починато на 21 октомври 2006 година.
По испратени официјални покани, лицето А.С. вчера се појавило во Центарот за социјални работи заедно со новороденчето и уште едно машко лице, но без да приложи документи за лична идентификација. Надлежните институции веднаш го пријавиле случајот, а СВР Тетово веќе работи на утврдување на сите околности.
Според првичните информации, се испитува дали станува збор за кражба на идентитет, административна грешка или организиран фалсификат на документи. Дополнителна необичност во случајот е што, во моментот кога според евиденциите била заведена како почината, жената имала само седум години.
Истрагата е во тек, а институциите најавуваат дека по целосно расчистување на случајот јавноста ќе биде дополнително информирана.


