Skip to main content
Свет

Шведската влада најави заострување на условите за добивање државјанство

09/02/2026  16:23

Шведската влада најави значително заострување на условите за добивање државјанство. Според новите правила, странските државјани ќе треба да имаат најмалку осум години престој во земјата, стабилни примања и успешно да поминат тест за познавање на шведскиот јазик и општествениот систем.

Централно-десничарската власт наведува дека мерките се дел од пошироката стратегија за построга миграциска политика, која се применува од мигрантската криза во 2015 година, кога Шведска прими околу 160.000 баратели на азил. Владата смета дека дополнителното заострување ќе има поддршка кај јавноста пред парламентарните избори закажани за септември.

Министерот за миграција Јохан Форсел изјави дека предложените услови се значително построги од досегашните, нагласувајќи дека во моментов барањата за државјанство се минимални. Според најавите, идните апликанти ќе мора да остваруваат месечен приход повисок од 20.000 шведски круни и да докажат соодветно познавање на јазикот и општеството.