Skip to main content
Македонија

Томовски: Точно е дека недостасувало храна и пијалоци во владините бифеа

09/02/2026  16:09

Прехранбени производи во вредност од околу 70.000 евра, кои според документацијата биле евидентирани во владините бифеа, не биле затекнати на лице место. По наодите од извештајот на Државниот завод за ревизија, директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски, денеска соопшти дека за случајот е покрената соодветна постапка.

– Има некакви разлики,тоа е точно. Не би сакал понатаму да навлегувам, затоа што има некоја постапка што ја води Бирото за јавна безбедност при МВР, така да оставиме институциите да го разрешат овој случај. После тоа можеби ќе дадеме заедничка изјава, рече Томовски.

Пописот од 2024 година покажал разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба од 4,2 милиони денари, констатира Државниот завод за ревизија во Ревизорскиот извештај за работата на владината Служба за општи и заеднички работи во 2024.

Во службата им одговориле на ревизорите дека храната се евидентира автоматски во софтверот.

„Не е воведено правило за пресметка за кало и растур согласно официјалната номенклатура за кало и растур изразена во процентуална вредност на секој вид на храна поединечно од која може да произлезат разлики во вредноста на прехранбените производи во главниот магацин и кујните“, им одговориле од СОЗР на ревизорите.