
Нашата олимпијка Милијана Рељиќ го освои третото место и се закити со нов бронзен медал на еден од најстарите таеквондо натпревари во Европа – Австрија Г-1 Опен во Инсбрук, Австрија. Во категорија – 62 кг таа ја покажа својата врвната форма откако минатиот викенд, исто така, се закити со бронза на натпреварот во Фуџарија Г-2 Опен во Обединетите Арапски Емирати.
Во првата борба Рељиќ два пати ја победи репрезентативката на Сенегал, Фатима Менди, со по 5:0 во рунди. Во второто коло Мила ја победи украинката Марија Леонова, исто така, со 2:0 во рунди. Во третото коло извојува многу тесна, но значајна победа за освојување на бронзениот медал над хрватицата Хелена Кичема со 2:1 во рунди во неизвесна и исцрпувачка борба до самиот крај.
Имено, досега со Хелена Кичема се наптреварувала двапати и во меѓусебните дуели е 5:2. Во полуфиналето, кое се одржа само 10 минути по четврт-финалната борба, Мила беше поразена од Пољакињата Јулија Шпак со 0:2 во рунди.
„Исцрпувачката борба за медал не истошти и во оваа борба Мила имаше помалку фокус, иако во претходните 4 борби Мила немаше пораз од Шпак. Како и да е, ова се нови 3,60 поени за светската и олимписката ранг листа и со овие поени на мартовското рангирање очекуваме Мила да влезе во листата на најдобрите 10 во светот”, објаснува тренерот на Мила, Александар Ефтимов.

