Skip to main content
Балкан

Грчкиот полковник пренесувал воени информации на Кина преку аплукација

08/02/2026  17:51

Истрага на грчките безбедносни служби, детално опишана од весникот „Катимерини“, открива на кој начин бил разоткриен 54-годишен полковник од воздухопловните сили, осомничен дека пренесувал доверливи воени информации на кинески државни структури.

Апсењето следело по повеќемесечна истрага, откако западна разузнавачка служба испратила предупредување до грчката Национална разузнавачка служба за активен припадник на армијата кој наводно споделувал чувствителни податоци со Кина. Начинот на кој странската служба дошла до сознанијата не е официјално објавен.

Според наводите, осомничениот по инструкции од контакти во Кина инсталирал апликации за шифрирана комуникација на својот мобилен телефон и други уреди. Преку нив, наводно испраќал документи и датотеки преземени од воени единици и служби до кои имал службен пристап. Поради тежината на сомнежите, Генералштабот бил информиран, а полковникот бил ставен под дискретен надзор во период од три до четири месеци.

Одлуката за негово приведување била донесена откако безбедносните служби утврдиле дека тој го зголемил обемот на испратени чувствителни материјали и се обидел да воспостави контакти со колеги со цел нивна регрутација.

Станува збор за специјалист за телекомуникации во воздухопловните сили, кој до неодамна раководел со единица за обука за комуникациски и електронски системи во поширокото подрачје на Атина. Претходно работел и во седиштето на воздухопловните сили, на позиција што подразбирала пристап до информации од значење за НАТО.

По апсењето, според информациите, полковникот ги признал своите активности, наведувајќи дека дејствувал за сметка на кинеските разузнавачки служби, дека бил регрутиран на меѓународна конференција и дека за тоа добивал паричен надомест. При претресите во неговиот дом и работна канцеларија биле запленети компјутери и дигитални уреди, за кои се тврди дека содржат податоци кои веќе биле доставени до неговиот кинески контакт.