
Најмалку двајца припадници на Армијата на Република Македонија од касарната во Велес се заразени со шуга, потврдија од Армијата, додека неофицијални извори тврдат дека бројот на војници во изолација е значително поголем. Случајот отвори прашања за условите за престој и хигиена во касарната, но и за начинот на справување со заразните заболувања во воените капацитети.
Според информации од војници кои за медиумите зборуваат анонимно, првичните симптоми – силно чешање и осип – се појавиле пред околу десетина дена, но на почетокот не биле сфатени сериозно. Состојбата, велат тие, станала поалармантна откако кај дел од војниците се појавила и температура, по што била повикана медицинска екипа и бил извршен епидемиолошки преглед.
Неофицијално, дел од војниците биле испратени на болнички прегледи, а околу десетина се ставени во изолација. Војниците тврдат дека условите за хигиена се несоодветни, посочувајќи недостиг на топла вода и дотраена постелнина, поради што стравуваат дека заразата може да се прошири и надвор од касарната, откако дел од нив викендов биле пуштени дома.
Од Армијата, пак, потврдуваат дека има заразени војници, но категорично негираат дека заболувањето е последица на условите во касарната. Оттаму информираат дека станува збор за новопримени војници, примени на 29 декември, и дека веднаш по дијагностицирањето биле преземени сите неопходни здравствени мерки и протоколи за спречување на понатамошно ширење на заразата.
Според официјалниот став, сместувањето и хигиената се организирани согласно армиските стандарди, а пред приемот на војниците била извршена целосна дезинфекција на просториите, обезбедена чиста постелнина и организирано редовно капење.
Од Министерството за одбрана информираат дека постапуваат согласно насоките на Воено-медицинскиот центар и дека ќе бидат преземени дополнителни мерки доколку се утврди потреба.
Шугата, позната и како скабиес, е заразно кожно заболување предизвикано од паразит, кое најчесто се шири при близок контакт, а симптомите можат да се појават и неколку недели по заразувањето. Случајот повторно ја отвора темата за здравствената превенција и условите за престој на новопримените војници во касарнските капацитети.
извор: 24.мк

